Три концерти на македонска џез музика и современа класика во МКЦ
25.02.2021 februari cetvrtok
ПМГЏЕЗ се враќа со серија концерти во живо, а се работи за 3 последователни концерти, со кои се промовираат три актуелни изданија на куќата. Првиот концерт е посветен на рецентното издание на Јордан Костов Квинтет, со наслов “Come Back”, кое публиката ќе има можност да го проследи во петок, на 26 февруари (20 часот), во Кино Фросина, Младински културен центар Скопје.
Јордан Костов е еден од највредните и најинтригантни ликови на современата македонска џез сцена. Композитор, хармоникаш и инспиративна фигура. Во формацијата Јордан Костов Квинтет, освен авторот на хармоника, партиципираат и Андреа Мирческа (контрабас), Филип Букршлиев (гитара), Дамјан Грујо (перкусии) и Драган Теодосиев (тапани).
На 5 март, следи концертот на нашиот еминентен пијанист, а сега и композитор, господинот Дино Имери, кој за ПМГЏЕЗ, неодамна го издаде извонредниот соло пијано албум “Reflections”.
Последниот концерт е планиран за 12 март, а својот албум првенец, ќе го претстави триото на Филип Букршлиев. Свежа и возбудлива понуда, која ќе ги заинтригира вистинските сладокусци и познавачи на локалната вибрантна сцена. Можност за авантура, со досега неслушната оригинална и автентична музика, на новата гарда домашни композитори.
Comments