Трет триумф на Стох на „Четирите скокалници“
08.01.2021 јануари Петок
ЗАВРШИ НОВОГОДИШНАТА ТУРНЕЈА
Полјакот Камил Стох е победник на 69-то издание на Новогодишната турнеја во скијачки скокови „Четири скокалници“, по триумфот на последниот натпревар во австрискиот Бишофсхофен. Стох победи и во Инсбрук, а на првите два натпревара во Оберсдорф и во Гармиш-Партенкирхен, Германија, победија Германецот Карл Гајгер и ланскиот вкупен победник, Полјакот Давид Кубацки, кои беа второ и третопласирани во генералниот поредок. За Стох (33), кој е трикратен олимписки шампион од Сочи 2014 и од Пјонгчанг 2018-та, и двократен светски првак, од Вал ди Фиеме во 2013 година и од Лахти во 2017-та, ова е трета победа на Новогодишната турнеја во кариерата, по 2017 и 2018 година (тогаш победи на сите четири натпревари) со што се израмни со Германецот Хелмут Рекнагел и со Норвежанецот Бјорн Виркола, кои, исто така, имаат по три победи. Поуспешни од нив се само Германецот Јенс Вајсфлог со четири и Финецот Јане Ахонен со пет победи. – Навистина сум среќен и презадоволен. Сега сакам да уживам во моментов бидејќи новиот ден носи и нови предизвици. Многу сум му благодарен на целиот тим, особено на моите тренери, тие направија голема работа – изјави Стох, кој има 38 победи во Светскиот куп и му треба само уште една за да се израмни со најуспешниот полски скијач-скокач, Адам Малиш. Ова издание на „Четирите скокалници“ поради пандемијата на ковид-19 се одржа беа публика и без вообичаената празнична атмосфера, која им давеше посебен шмек на натпреварите. Новогодишната турнеја во скијачки скокови се одржува од 1953 година, традиционално со почеток во Оберсдорф и во Гармиш-Партенкирхен во Германија, а потоа со натпревари во Инсбрук и во Бишофсхофен во Австрија.
НАЈМНОГУ ПОБЕДИ НА „ЧЕТИРИТЕ СКОКАЛНИЦИ“
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ГОДИНИ НА ТРИУМФ Јане Ахонен 1999, 2003, 2005, 2006, 2008 Јенс Вајсфлог 1984, 1985, 1991, 1996 Хелмут Рекнагел 1958, 1959, 1961 Бјорн Виркола 1967, 1968, 1969 Камил Стох 2017, 2018, 2021
Comments