Тренер со светско реноме ја одржа работилницата „Играј одбојка, расти со неа“
- Aleksandar Santovski
- Mar 9, 2021
- 1 min read
Белгиецот Кристоф де Лус, тренер со светско реноме кога станува збор за работа со деца во почетната фаза на тренинг, беше предавач-демонстратор на работилницата во рамките на проектот на Еразмус, „Играј одбојка, расти со неа“, во организација на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) и на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), викендов, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Неговото предавање го проследија и 86 македонски тренери и професори по физичко образование, кои имаа можност да видат и да научат специфични вежби за оваа возрасна категорија. Користејќи основни помагала, белгискиот едукатор на двете двочасовни сесии на македонските колеги им понуди нов поглед кон тренажниот процес. – Исклучително сум задоволен од масовноста на оваа работилница, особено од желбата на присутните активно да учествуваат. Ако се има предвид ситуацијата со коронавирусот, како и фактот дека голем дел учесници дојдоа во Скопје од други градови, може да се заклучи дека тие имаат желба да инвестираат во своето знаење. Тоа е многу важен чекор и несомнено покажува дека македонската одбојка има потенцијал. Од ваквите настани очекуваме да добиеме масовност и да ја подобриме едукацијата на тренерите и на професорите по физичко, кои се наши партнери во целиот процес – изјави Вук Карановиќ, раководител на Развојниот оддел на ЦЕВ, задолжен за реализација на проектот на европско ниво. Покрај ОФМ, учесници во проектот се и одбојкарските федерации на Словачка, Естонија и на Финска, како и два спортски универзитета, во Келн и во Анкара.

Comentários