top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Судан првпат со филм на „оскарите“

01.02.2021 januari ponedelnik

Речиси две години по соборувањето на автократот Омар ал-Башир, Судан презеде чекори за реинтеграција во меѓународната заедница, од која е протеран подолго време, вклучувајќи ја и филмската индустрија. Првпат во својата историја Судан кандидира еден од своите филмови за „оскар“, „Ќе умреш на 20“, чии продуценти се конзорциум на европски и египетски компании, а режисерот и актерите се од Судан. Филмот ќе се натпреварува во категоријата најдобар странски игран филм. Приказната следи млад човек, за кого веднаш по неговото раѓање се предвидувало дека ќе умре на 20-годишна возраст, што фрла сенка на неговите години на растење, паралелно со тешкотиите со кои се соочува цела генерација млади во Судан. Филмот се базира на кратка приказна на суданскиот писател Хамур Зијад. Критичарите велат дека тоа покажува дека културната сцена во земјата повторно се појавува по децениското запоставување. Снимен е во време на масовни демонстрации против Ал Башир, кога тој беше соборен од армијата во април 2019 година, по речиси 30 години на власт.

– Тоа беше авантура. Имаше протести на улица, кои прераснаа во револуција до почетокот на снимањето – изјави режисерот Амџад Абу Алал. Суданското востание избувна на крајот на 2018 година и како што растеше бројот на луѓе на улиците, многу од нив млади, војската скокна и го собори исламистичкиот претседател. Оттогаш земјата започна со кревка транзиција кон демократија, ставајќи му крај на неколкугодишното автократско владеење, кога беше ограничена слободата на уметниците. Министерството за култура го номинира филмот за „оскар“ во ноември, еден месец пред втората годишнина од почетокот на востанието. Филмот доби позитивни меѓународни критики. Својата премиера ја имаше на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција во 2019 година. Тој го освои „лавот за иднината“ за најдобар прв филм и беше првиот судански филм што ја добил таа награда.

Абу Алала вели дека неговиот избор да се кандидира за „оскар“ покажува дека Судан има безброј приказни да раскаже. – Немаше филмска индустрија во Судан, само индивидуални обиди. Суданските владетели, комунисти или исламисти, не беа заинтересирани за филмот. Тие беа заинтересирани само уметниците да бидат на нивна страна – рече тој, изразувајќи надеж дека другите режисери сега ќе можат слободно да ги споделуваат суданските приказни со светот.


3 views

Comments


bottom of page