Стојановски: Нема откажување, ќе пробаме да ги искористиме сите шанси
12.02.2021 februari petok
КОШАРКА – РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ПОЧНА СО МИНИ-ПОДГОТОВКИ ЗА ПЕРМ
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија ги почна мини-подготовките во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје за третиот и решавачки квалификациски турнир (од 18 до 22 февруари), во рускиот град Перм, за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, во Италија, Грузија, Германија и во Чешка. Во Скопје ќе бидат одработени пет тренинзи, а на 15 февруари со чартер-лет репрезентацијата треба да замине за Перм. – Турнирот во Перм, според интензитетот на играње, е едно мини ЕП, а тоа носи дополнителна потрошувачка на енергија. Во Перм ќе биде навистина напорно. Ако не верувам во успех, нема да сум тука, со соиграчите. Но за мене е поважно сите да сме здрави и комплетни. Не би се согласил со тоа дека мислиме само на мечот со Естонија. Зошто не би победиле на некој од дуелите со Италија или со Русија, па мечот со Естонија да го чекаме во некоја порелаксирана атмосфера. Нема откажување. Ќе пробаме да ги искористиме сите шанси што ќе ни се укажат. За мене е многу важно што сите играчи се во натпреварувачка форма, без оглед каде настапуваат. Со добра атмосфера и давање 200 отсто од нашите можности, можеме да дојдеме до ЕП – вели капитенот на репрезентацијата Војдан Стојановски.
Македонија во Перм двапати треба да игра со Италија, која веќе обезбеди пласман на ЕП, како една од државите-домаќини (на 18 и на 21 февруари), и по еден меч со Русија (19.2) и со Естонија (22.2). На табелата во групата Б води Италија, со шест бода (од три меча), а потоа следуваат Русија со шест (четири средби), Естонија со четири (три) и Македонија со два (два меча) бода. Освен Италија, од оваа група на ЕП ќе се пласираат уште две репрезентации. Претходно беше најавено дека финскиот селектор Јука Тојала, кој ја води селекцијата на Естонија, нема да може да смета на најдобрите кошаркари. Во неговиот избор недостигаат повредените Сим-Сандер Вене и Мартин Пасоја, а Кер Криса го очекува настапот во НЦЦА-лигата. Вене со просек од 18,5 поени по натпревар е втор стрелец во естонската репрезентација во квалификациите за ЕП 2022, зад Кристијан Куламае со 24.
Comments