Стефановска: Емоционалното описменување на децата е императив
Чувството на осаменост, страв од разделбата со родителите, од загубата, насилството… Лутина од пристигнување на нов член во семејството, страв од тоа дали ќе биде прифатено во новата средина, страв од чудовишта, што е многу често во ова време на интернет-игри… Чувство на среќа, пак, кое не зависи од големи нешта… Ова се само дел од актуелните теми кои се обработени во најновиот серијал на книги за деца, поточно интерактивни прирачници од авторката, лиценциран психолог Христина Стефановска, во издание на „Арс Ламина“
„Емоционалното описменување на децата е императив и е од исклучителна важност за градење на здрав и психолошки зрел менталитет… Возрасните треба да се приспособат на децата, затоа што децата не се раѓаат со емоционални вештини и имаат потреба да ги научат… Стекнувањето на емоционалните вештини ќе го научат детето да разликува што е добро, а што е лошо“, вели Христина Стефановска, лиценциран психолог, кој работи на теми поврзани со деца и адолесценти. Таа е автор на четирите интерактивни психолошки прирачници за справување со емоциите кај децата: „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“, кои неодамна излегоа од печат во издание на „Арс Ламина“, а се посветени на емоциите лутина, страв, среќа и тага. На онлајн промоцијата на овие прирачници, Стефановска ја истакна важноста на постоење на едни вакви изданија не само за децата туку и за нивните родители. Таа посочи дека емоцијата што ја манифестира детето не е секогаш тоа што го чувствува длабоко во себе. Затоа овие прирачници треба да им помогнат на возрасните да стигнат до изворот на емоцијата што ја изразува детето во одредени животни ситуации.
Лутина, страв, среќа и тага
Прирачниците се приспособени на детската возраст, па така емоциите: лутина, страв, среќа и тага, се персонифицирани преку чувствата на животните, добро познати на најмладите. Лутото еже, плашливото зајаче, тажното славејче и среќната срничка се идентификациски модел на дечињата.
„Мојата цел е да ги научам децата дека сите четири емоции се многу природни, биолошки, и се составен дел од секој човек. Важно е децата да другаруваат со емоциите, затоа што и лутината, и стравот, и тагата, и среќата им се пријатели што секогаш имаат што да им пренесат и да ги посоветуваат. На некој начин, емоциите се поддршка во развојот на децата и треба да ги прифатиме како такви“, вели Стефановска, која додава дека децата треба да научат да ги препознаат емоциите кај себе и кај другите. А токму овие прирачници се структурирани така што имаат приказна што обработува некоја актуелна тема која потекнува од одредена причина за дадената емоција, по што следуваат вежби во согласност со темата. Така изданијата опфаќаат теми кои обработуваат чувства на физичка болка, осаменост, разделба со родителите, загубата, досадата… Обработено е и чувството на лутина од пристигнување на нов член во семејството, страв од тоа дали ќе биде прифатено во нова средина, страв од авторитет, но и од чудовишта, што е многу често во ова време на интернет-игри. Тука е и стравот од постигнувањата во училиштето, од насилството… Во изданието за среќата, пак, се обработува навраќањето на настаните кои ги прават среќни, децата се учат дека среќата е насекаде и дека не е во големите нешта, како и дека тоа колку среќата ќе трае, зависи од нас самите…
Емоциите не смеат да се табуизираат
Како што посочува Стефановска, емоциите не смеат да се табуизираат, да се потиснуваат и да не се прифаќаат како такви, затоа е многу важен воспитниот процес. Таа направи споредба помеѓу македонскиот образовен систем и образовните системи во скандинавските земји, каде што се обрнува многу поголемо внимание на стекнувањето емоционална интелигенција кај децата.
„Во нашето образование многу поголем акцент се става на когнитивната функција, за сметка на емоционалното описменување на децата. Мојата цел беше да ги поместиме границите на нашето поднебје во однос на оваа тематика, што е од исклучителна важност, и да им ги пренесеме на возрасните потребните алатки со коишто можат да работат“, посочи Стефановска. Таа, исто така, ја нагласи важноста од тоа да се зборува отворено за емоциите кај децата и да се дејствува рационално во насока на нивно канализирање во нешто позитивно и корисно.
„Ако не ги третираме емоциите или ги третираме на погрешен начин уште во детството, тоа може да создаде анксиозна возрасна личност, агресивна, конфликтна, насилна, депресивна личност“, истакнува Стефановска.
Од издавачка куќа „Арс Ламина“ велат дека серијалот за справувањето со четирите основни емоции кај децата, како дел од едицијата „Железница на чувствата“, е плод на соработката со редакцијата „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, со намера да се развива и да се збогатува со содржини што во фокусот ќе ги имаат клучните теми за правилен психолошки развој кај децата. (Д.Т.)
Comments