Спринтерски квалификации за попривлечен тркачки викенд и за бодови
ФОРМУЛА 1
Сезонава Формула 1 ќе има три трки на кои се воведува нов формат на квалификации за главните трки, па наместо класичните квалификации, ќе се вози една спринтерска трка од околу 100 километри (25-30 минути). Во петоците ќе се возат класичните квалификации, кои ќе го одредат редоследот на болидите пред спринтерската трка, која, пак, ќе се вози во саботите. Резултатите од спринтот, покрај одредувањето на почетните места за главната трка во неделата, ќе му донесат и три бода на победникот, два на второпласираниот, а третиот ќе добие еден бод. Целта на измените е да се зголеми интересот за натпреварувањето и да се зголеми бројот на настани за време на тркачкиот викенд. – Возбудени сме од оваа нова можност што ќе им донесе на гледачите уште попривлечен тркачки викенд во 2021 година. Гледањето како возачите се тркаат во текот на три дена ќе биде неверојатно искуство и сигурен сум дека возачите ќе уживаат. Среќен сум што сите тимови го поддржаа овој план, а тоа е доказ за обединетите напори да продолжиме да ги ангажираме нашите гледачи на нови начини, осигурувајќи дека ќе останеме посветени на наследството и на меритократијата во нашиот спорт – рече претседателот и извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали, пренесе интернет-страницата на Формула 1. Две спринтерски трки ќе се одржат во Европа, а една на некој од преостанатите континенти, но уште не е одлучено на кои патеки ќе се возат овие нови трки.
Comments