top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Сплотени, горди и со љубов кон татковината

02.04.2021 April Petok

ПО ГОЛЕМИОТ УСПЕХ НА МАКЕДОНСКАТА ФУДБАЛСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Германија – Македонија 1 – 2! Македонското (спортско) срце отсликано во овие македонски фудбалски јунаци, полни со ведар дух, сплотени и полни со верба во себе, едноставно даде пример како треба да се бранат боите на нашата Македонија и тогаш кога разни игри настојуваат да ја скројат нејзината иднина по некој чуден терк. По големиот успех со пласманот на Европското првенство (ЕП) годинава, македонските фудбалери одново станаа македонски херои, нови македонски миленици, кои ни ги исполнија срцата со љубов и среќа и нѐ направија одново горди. Затоа, радувај се Македонијо, гордо и со крената глава слави го големиот успех, за кој сега пишуваат сите светски медиуми. Успех што никого не остава рамнодушен, особено во овие турбулентни времиња за македонскиот опстанок, кога многу државнички копја однадвор, но и одвнатре се „кршат“ токму врз македонската почва. Датумот 31 март 2021 година ќе биде запишан со златни букви во историјата на македонскиот фудбал. Зелениот терен во германскиот град Дуизбург е освоен. Македонија во средата вечер покажа дека фудбалот е игра во која не победуваат секогаш Германците! Постигнат е успех за кој со гордост ќе им раскажуваме на генерациите што доаѓаат. Но жолто-црвениот фудбалски виор силно протатни и однесе сѐ што се најде пред него, за да го направи среќен својот народ и покрај познатите фудбалски имиња што беа од спротивната страна и настојуваа да го попречат ураганот, кој стануваше сѐ посилен. Македонскиот репрезентативен фудбал, предводен од неговиот стратег Игор Ангеловски испиша нова спортска историја. Но она што треба најмногу да радува е фактот што и репрезентативците, без разлика од која вера или националност се, покажаа една нова димензија на теренот, особено на тешките гостувања, од која треба да учат токму нашите политичари, а тоа е: сплотеност, гордост, љубов кон татковината, но и верба во сопствените можности, па и тогаш кога има тешки моменти, како во актуелното секојдневие на политички и здравствен план, на пример.

Токму затоа и македонските политичари треба да се огледаат, да играат и да комбинираат (како во нападот така и во одбраната) токму како македонските фудбалери, а не да се потпираат на „играчи“ однадвор, кои, пак, нѐ тераат да играме по нивни комбинации и чудни тактики. Ако ова го споредиме со политиката во последно време, но и претходно, ретко можеме да се пофалиме со наши брилијантни политички потези и одлуки од широк граѓански интерес. Спортот е огледало на една нација, а токму Пандев, Елмас, Ристовски, Барди, Адеми, Велковски, Алиоски и другите репрезентативни другари едноставно покажаа како пожртвувано треба да се бранат грбот и жолто-црвената боја на својата татковина. Покажаа дека, сепак, и Македонија е дел од Европа и дeка нејзиниот фудбалски „глас“ далeку се слуша, нејзината химна сега уште погордо ќе се свири на следните натпревари, а кон фудбалерите ќе сe гледа со поголем респект. Тоа е она што го исполнува срцето на секој правдољубив човек со чисти мисли. Тoа репрезентативно единство, кое злато вреди, најдобро го искажа селекторот Игор Ангеловски со зборовите: „Моите фудбалери сe изборија за овој историски успех. Тие се нашите спортски херои, тоа се истите оние што ја кренаа на нозе нацијата по пласманот на ЕП“. Очигледно успехот против Германија, кој барем за миг ни помогна да заборавиме на политиката и на човечките жртви што секојдневно ги зема пандемијата на коронавирусот, покажа дека само со тимска работа, дисциплина, почитување, скромност, но со големо срце, макотрпен труд, борбеност, желба за докажување, нова свест, правилно резонирање и начин на кој треба да се согледуваме како нација, односно токму со елементите што ја красат оваа репрезентација може да се постигнуваат успеси на спортското поле, но и надвор од него.

Иако овој пат изостанаа колоните од возила и мноштвото развиорени македонски знамиња, придружени со извиците „Македонија, Македонија“, кои често ги гледавме по големите репрезентативни и клупски спортски успеси на ракометарите, кошаркарите, одбојкарите, порaди актуелната здравствена ситуација и полицискиот чaс, сепак, радоста и исполнетоста беа присутни во секој дом, во секое срце. Токму оваа победа треба да претставува и порака до нашите политичари како треба да се брани сопствената држава, нејзината историја и народ, а од лавиринтот на патишта да се одбере најисправниот и покрај мноштвото игри и пречки. А колку, пак, поддршката на народот ќe биде поголема кон нив, толку успехот ќе биде поблизок, поостварлив, пореален. Германија – Македонија 1-2. Да, можно е. Радувај се, Македонијо. Имаш и зошто.


1 view

Comments


bottom of page