„Спејс екс“ ќе учи од грешките по новото уривање на „Старшип“
03.02.2021 februari sreda
Прототип-ракетата „Старшип“ на „Спејс екс“, што компанијата еден ден планира да ја испрати на Месечината и на Марс, вчера се урна откако не успеа да се приземји по неуспешното полетување од Јужен Тексас, пренесуваат светските медиуми.
Ракетата „Старшип СН9“, вчера достигна надморска височина од околу 10 километри, нешто помала од нејзиниот претходник, „СН8“. Се чинеше дека сè се одвива како што треба, но леталото се превртело на страна и го започнало своето спуштање.
Додека паѓаше, леталото не успеа да се исправи и шест минути и 26 секунди по неговото лансирање, удри на површината, создавајќи голема експлозија и облак од прав. Пожарот не се проширил.
Ова е втора ваква несреќа по онаа што се случи во декември минатата година, кога леталото „СН8“ исто така експлодира по неуспешното полетување.
– Треба да поработиме малку повеќе на нашето приземјување. Запомнете, ова е пробен лет. Ќе собереме податоци и ќе научиме од грешките, така што ова е уште еден успешен тест за нас – изјави коментаторот на лансирање, Џон Инспракер.
Следниот прототип на компанијата, „СН10“, за сето време спремно стоеше во близина на местото на лансирање во Бока Чика, Тексас. Компанијата ќе продолжи со идните тестирања во најбрзо можно време.
Изненадувачки, основачот на „Спејс екс“, Илон Маск, немаше никаков коментар за неуспешното лансирање на социјалните мрежи.
„Спејс екс“ се обиде да го лансира „Старшип“ минатата недела, но не успеа да го добие потребното одобрување од Федералната администрација за авијација (ФАА). Тие не ги почитуваа прописите за безбедност за летот одржан на 9 декември и требаше да преземат корективни мерки пред да продолжат со операциите за лансирање. Според ФАА, последниот лет ги исполнил сите безбедносни критериуми.
Comments