Со “Ние на зајдисонце“ и Силви бенд во Трпејца стартуваше културно забавно лето
Updated: Jul 22, 2021
21.07.2021 juli Sreda
Со видео приказот „Ние на зајдисонце“ и настапот на популарниот „Силви Бенд“ вчеравечер во Трпејца започна јубилејното десеттото по ред Културно забавно лето „На зајдисонце“.
“Групата ентузијасти која е најзаслужна за успешната реализација на ‘На зајдисонце во Трпејца’ пред десет години ја промовира идејата да на гостите, посетителите и мештаните на Трпејца им понуди културно забавни содржини, покрај прекрасниот амбиент и бистрите езерски води. Таа идеја веднаш наиде на поддршка во Локалната самоуправа, но и жителите на Трпејца ја препознаа и ја поддржаа замислата. Бројот на уметници, спортисти и културни дејци од година во година е се поголем, а следствено на тоа се зголемува и бројот на публиката. Она што радува е дека не се само убавините кои природата без штедење ги распростанила низ Трпејца, туку и културно – забавната манифестација е таа која повторно ги враќа гостите…”, рече меѓудругото заменик – градоначалникот на Општина Охрид Ристе Николески во името на покровителот на манифестацијата.
Милчо Јованоски, член на Здружението „За Трпејца со љубов“ кое е организатор на манифестацијата, се заблагодари на поддршката и посветеноста на сите оние кои придонесле „Зајдисонцето“ да стане препознатлив настан .
Вечерва од 20.30 часот, трпејчани и гостите ќе се сретнат со Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, меѓу другото посетителите ќе видат и инсерт од познатиот документарец „Танцот со пастрмките“. Меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски ќе ги открива тајните на подводниот свет на милениумски старото Охридско Езеро.
Утревечер следува видео презентацијата од книгата „Рибарски алманах“ од проф. д- р Теон Џинго и доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе. Трпејчани на фотографии ќе ги видат своите претци – рибари на фотографии зачувани во Архивот во Охрид.
На овој настан ќе му претходи и атрактивната „Вечерна променада“ со кајче по езерото. Свој настап ќе имаат младите репродуктивни уметници Христијана Матеска – хармоника и Марија Џуклеска – виолина.
Во петок во Трпејца ќе гостува Градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид под раководство на диригентот Бурим Хидри.
Манифестацијата по втор пат е поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Comments