Со Ангеловска и Ристановски: Додека чекаме нешто да нè ослободи, „Само глас“ е тука…
“Само глас“, комуникациска современа музичка драма, прва премиера на МНТ во 2021, во 78 минути, целосно го обзема вниманието на публиката со извонредна изведба на актерката Звездана Ангеловска, која во текот на претставата е сама на сцената и го води дејствието, додека гласот на Никола Ристановски, како соговорник во претставата, го слушаме…
„Чекам нешто да ме ослободи…, но заробена сум и парализирана под стакленото ѕвоно… затоа ништо не ми останува освен да останам дома…“.
А токму од нејзиниот дом, поточно собата во која се крие од сите удари и разочарувања кои ги има доживеано, пред публиката како клопчесе одмотува животот на Таа, актерка, некогаш силна и талентирана жена, сега само сенка која се бори со своите демони…
Присутните во салата на Македонскиот народен театар завчеравечер имаа можност да ја проследат праизведбата на „Само глас“ од Нина Плавањац, а во режија на Марјан Неќак, кој во претставата истовремено е и композитор, сценограф и дизајнер на светлото.
Оваа „комуникациска современа музичка драма“, прва премиера на МНТ во 2021, во 78 минути целосно го окупира вниманието на публиката со извонредна изведба на актерката Звездана Ангеловска, која во текот на претставата е сама на сцената, и го води дејствието, додека гласот на Никола Ристановски, како соговорник во претставата, го слушаме…
Овој драмски текст на Плавањац поставува и одговара на низа прашања, како: Постои ли лек за осаменоста и како да се пополни празнината во себе? Бегање или самоизолација? Како да разликуваме опсесија од безусловна љубов? Како да се пронајдеме себеси, кога одамна сме изгубени и животот не е налик на она што мислевме дека ќе биде…?
Ангеловска со својата игра успеа на најдобар начин да ги пренесе сите дилеми на една жена која цел живот страдала поради отсуство на совршена љубов, која толку многу ја посакувала. „Ги чита авторките бидејќи жената најдобро знае што е болка…“. Никогаш не ја осетила безусловната љубов, бидејќи не ја добила ниту од партнерот, ниту од своите родители, особено од мајката која постојано ја критикувала… Во желба да стане совршена, станала актерка, бидејќи само така можела да биде некое друго лице, сакана, совршена, посакувана…
Животот го поминува играјќи различни улоги, надевајќи се дека ќе го пронајде рецептот за жена која заслужува љубов и почит, а не отфрлање од мажот што го сака и… го губи. Очајна за малку љубов и разбирање, како сламка за спас таа грчевито се фаќа за мистериозниот глас со кој доаѓа во контакт… Но и тука работите се – игра на мачка и глушец, па публиката ја дознава најтемната страна на нејзиниот живот и соочување со гревовите што ги сторила, за врската со помладиот маж, балетан кој ја изневерувал, а кому му помогнала во кариерата, но и го напуштила кога се повредил… Целиот нејзин живот и самиот разговор со мистериозниот глас е како пајакова мрежа на манипулации, во кои таа на крај излегува како победник и успева да ја доживее безусловната љубов, но … во самата себеси, во своето тело од кое како што вели, неправедно се откажала…
Претставата завршува со балетска точка (Мирослав Митрашиновиќ), која е потсетување на деловите од животот кој ги сокрила длабоко во себе…
Современа приказна во новата форма на музичкиот театар, или како што ќе речережисерот Марјан Неќак: „На почетокот како монодрама, а потоа како комуникациско музичко дуо за два гласа, менувајќи ги стиловите на изразување од драмски, музички до современа оперска интерпретација, оваа приказна меѓу двајцата партнери кои комуницираат само преку нивните гласови, без телесни контакти, без вистинска слика како изгледаат, отвора едно ново поглавје во театарското изразување, а сепак користејќи го најстариот инструмент на човештвото-гласот!“
Публиката ќе може да ја проследи претставата и на 29 мај. (Д.Т.)
Comments