Словенечката писателка Весна Лемаиќ во Скопје
Издавачката куќа „Готен“, во рамките на проектот „Читајќи го Балканот“, организира претставување на словенечката писателка Весна Лемаиќ. Весна Лемаиќ во текот на мај е гостинка на резиденцијалната програма за писатели, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“. Во рамките на резиденцијалниот престој, Лемаиќ работи на својата нова книга, која во центарот на вниманието го има прашањето за стареењето и односот кон постарите лица. Преку релацијата на двата главни лика (дедото и неговата внука), авторката го истражува периодот од Втората светска војна, појавата на фашизмот, партизанското движење, состојбите во поранешна Југославија, национализмот, распаѓањето на државата, војните на Балканот и животот на генерацијата луѓе родени по 1980 година.
Весна Лемаиќ дипломирала компаративна книжевност. На книжевната сцена во Словенија дебитира во 2008 година, со збирката раскази „Популарни случувања“. Оваа книга добива три книжевни награди во Словенија. Во 2010 година го објавува романот „Ѓубриште“, а во 2014-та романот „Кокошки и птици“. Во 2018 година ја објавува збирката кратки раскази „Добре дојдовте“. Нејзините раскази се вклучени во повеќе антологии, меѓу кои „Најдобра европска фикција“, „Разоткриени лица на слободата“, „Викај ме по моето име“, „Пристоен живот“.
Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.
Comments