Сите ѝ се извинуваат на Бритни Спирс
15.02.2021 februari ponedelnik
По промоцијата на документарецот
„Сите зборуваат за мене секакви работи. Зошто едноставно не ме остават да живеам?“, така пееше Бритни Спирс во својот сингл „My Prerogative“ во 2004 година. Повеќе од 15 години потоа, во неделата, кога почна да се емитува новиот документарен филм „Врамувајќи ја Бритни Спирс“, овие зборови повторно одекнуваат, пишува британски Би-би-си. Филмот на „Њујорк тајмс“ го насочува центарот на вниманието кон тоа како ја третираа новинарите пред нејзиниот јавен пад во 2007 година и тековниот спор за трајното старателство, документ што значи дека таа не контролира многу аспекти од нејзиниот сопствен живот и кариера. Документарецот доведе до обновување на критиките за нејзиниот третман во балонот на културата на славните во 2000-тите и предизвика еден вид трагање по душата во медиумите. „Сите сме виновни за она што ѝ се случи на Бритни Спирс“, гласеше извинувањето од магазинот „Гламур“ до поп-sвездата на Инстаграм во вторникот, како што пренесува британскиот јавен сервис. Блогерот Перез Хилтон на сличен начин рече дека „му е многу жал за тоа како се однесувал“. Говорејќи на поткаст неделава рече: „Моите зборови и постапки беа погрешни. Бев гаден, злобен, суров, бесмислен, ужасен. Ѝ се извинив на Бритни не само јавно туку и приватно“.
Comments