Се одигра турнир во ракомет на снег
24.02.2021 februari sreda
„Ракомет може да се игра насекаде“ е слоганот на големиот предизвик под кој минатиот викенд, во организација на романскиот ракометен клуб Баја Маре, се играше ракомет на снег, информира Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) на својата интернет-страница.
Девет екипи од Романија и од Украина играа на снег во романското одморалиште Суиор, близу Баја Маре, во ракометна снежна конкуренција. Организаторите на настанот се потрудија да обезбедат предизвикувачко, но забавно натпреварување, со кое докажаа дека ракометот може да се игра и на снег, не само во сала или на песок.
Турнирот беше организиран со сите мерки на претпазливост од ковид-19, па сите играчи биле тестирани пред почетокот на натпреварувањето, а надвор од терените се практикувало и физичко дистанцирање. Се играло според правилата за ракомет на плажа, а четирите женски и петте машки екипи на температура од минус 13 степени одиграле 14 натпревари.
Comments