Се намалува бројот на странци во домашното првенство
13.04.2021 April Vtornik
РАКОМЕТ – ПО ОДЛУКАТА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА РФМ
Следната сезона 2021/2022 ќе биде последна во која ќе биде дозволена регистрација на осум странски ракометари во домашното првенство. Според одлуката на Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), од сезоната 2022/2023, бројот на играчи од странство ќе се намали на шест, а ќе бидат ангажирани според два критериума. Тројца од интернационалците ќе може да бидат по слободен избор, а другите тројца ќе мораат да имаат по најмалку 10 настапи за своите репрезентации. РФМ го усвои и системот за натпревари во машка конкуренција во Суперлигата и во Првата лига за двете наредни сезони. Во сезоната 2021/2022 Суперлигата ќе има 12 екипи, во првиот регуларен дел ќе се игра по еднокружен бод-систем (дома-гости) со вкупно 22 кола, а потоа ќе се игра плејоф со екипите од првото до шестото место и плејаут со екипите што ќе се пласираат од седмото до 12-то место. Првите шест екипи ќе пренесуваат бодови во плејоф-фазата, и тоа првопласираниот пет, вториот четири, третиот три, четвртиот два, петиот еден, а шестиот нема да пренесе бодови. По истиот принцип ќе се префрлаат бодови и во плејаутот. Од сезоната 2022/2023, машката Суперлига треба да има 10 тима, а системот на натпреварување и пренесување бодови ќе биде ист како и за сезоната 2021/2022.
БАРАЖ ЗА СП Ракометарките ја почнаа мисијата Романија
Со синоќешниот тренинг во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје почнаа подготовките на женската ракометна репрезентација за бараж-дуелите со селекцијата на Романија, за пласман на Светското првенство годинава во Шпанија. Селекторот Симе Симовски повика 20 ракометарки од поширокиот список, меѓу нив 13 интернационалки. Првиот дуел треба да се игра в сабота во Букурешт, а реваншот е четири дена подоцна во Скопје.
Komentáře