Само Панчевски го помина првиот круг
ШАХ – ЕВРОПСКО ХИБРИДНО КВАЛИФИКАЦИСКО ПРВЕНСТВО ЗА СК
Петмина македонски шахисти учествуваа на Европското хибридно квалификациско првенство (ЕП), што е и квалификациско за настап на Светскиот куп (СК) на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Само интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.519 рејтинг-поени, рангиран на 143-то место), го помина стартното коло. Тој со 1,5-0,5 го победи романскиот велемајстор (ВМ) Костика-Чипријан Нану (2.514, на 148-то место), откако ремизира со бели, а ја доби партијата со црни фигури. Во второто коло, вчера, играше со грузискиот ВМ Бадур Јобава (2.603, на 61-то место). – Задоволен сум од мојата игра во првото коло. Во втората партија уште од самиот почеток заиграв на победа, почувствував дека можам да го сторам тоа и успеав. Ме очекува мошне квалитетен противник во второто коло – ни изјави репрезентативецот Панчевски.
На ова ЕП се пријавија 264 шахисти, се игра по нокаут-систем, а по третото коло ќе останат 36, кои покрај тоа што веќе обезбедиле место на СК, ќе играат за пласман и за паричните награди, од кои победникот ќе добие 3.000 евра. Вкупниот награден фонд е 32.000 евра. Секое коло се состои од две партии (со време за играње од 120 минути, плус 30 секунди по секој потег по играч), а во случај на нерешен резултат се игра тајбрејк со забрзано темпо (од 10 минути плус три секунди по секој потег по играч), со можна т.н. армагедон-партија. Се игра преку интернет, а хибридно е оти е можно да се следи и на табла (за да не се гледа постојано во компјутер), но без анализи со движење на фигурите.
Во првото коло настапија и ВМ Кирил Георгиев (2.589, рангиран на 79-то место), ВМ Александар Чоловиќ (2.443, рангиран на 194-то место), ИМ Никола Николовски (2.443, рангиран на 196-то место) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (2.395, рангиран на 226-то место). Сите шахисти се натпреваруваат од одобрени сали по држава и се следат преку камери од судиите .
Comments