САД почнаа да го подготвуваат тимот од соништата за ЛОИ Токио
27.01.2021 januari sreda
КОШАРКА
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) потврди дека Летните олимписките игри (ЛОИ) во Токио ќе се одржат ова лето, па кошаркарската репрезентација на САД веќе започна да составува тим што може да го освои златниот медал. Кошаркарската федерацијата на САД веќе испрати околу 60 покани до играчи што изразија интерес да играат на ЛОИ, вклучувајќи и некои од најголемите имиња во НБА-лигата. Тоа го изјави Адријан Војнаровски од ЕСПН, а контактирано е и со неколку помалку познати играчи, вклучувајќи ги Бем Адебајо, Кристијан Вуд, Данкан Робинсон, Зајон Вилијамсон, Тре Јанг и Ја Морант, пренесува шпанска „Марка“. Овие имиња се приклучија на списокот од 44 лица, составен во февруари минатата година за првобитниот датум на игрите. Во оваа листа има и познати имиња, како што се Леброн Џејмс, Ентони Дејвис, Кави Леонард, Пол Џорџ и Кевин Дурант. Сепак, постојат неколку пречки за играчите што сакаат да патуваат со последниот список од 12 имиња. НБА-лигата го приспособи својот календар, така што регуларниот дел од сезоната завршува во средината на јуни, но тој може да се продолжи, доколку големото финале достигне седум натпревари. ЛОИ започнува на 23 јули, а турнирот во кошарка ќе трае од 25 јули до 7 август.
Comments