Русија ги казни грешките на Македонија
22.01.2021 JANUARI PETOK
Руските ракометари ги искористија грешките на Македонија за да слават убедлива победа со 32-20 во второто коло од главната фаза на Светското првенство во Египет.
Селекторот Данило Брестовац на овој меч не можеше да смета на повредените Марио Танкоски и Мартин Велковски, a на нивно место во составот влегоа Михајло Младеновиќ и Дарко Георгиевски.
„Црвено-жолтите“ се мачеа во нападот, постигнувајќи го првиот гол во седмата, а вториот во 14-та минута, кога ривалот веќе стекна предност од плус пет, додека и во одбраната не успеваа да ја сопрат Русија. Противничките ракометари во таква ситуација го добија првото полувреме со резултат 19-9, со што победникот практично беше одлучен.
Филип Кузмановски беше најефикасен македонски ракометар со шест гола, исто колку што постигна и Игор Сорока за Русија.
Македонија ќе се сретне со Белорусија в недела (од 15.30 часот), во последниот меч од групата 4. Вечерва во рамките на истата група играат Египет – Белорусија (18 ч.) и Шведска – Словенија (20.30 ч.).
Comments