„Романтична балетска вечер“ со балетски парчиња во кореографија на Аугуст Бурнонвил
- Aleksandar Santovski
- Mar 18, 2021
- 1 min read
Националната опера и балет в петок (19 март) со почеток во 19 часот ќе одржи балетски концерт насловен „Романтична балетска вечер“. Балетскиот концерт опфаќа две класични балетски дела во кореографија на Аугуст Бурнонвил (Данска) инспирирани од неговата страст за патувања и посета на други земји, пточно од Франција и Шпанија. Се работи за „Конзерваториумот“ од 1849 година, што претставува омаж на неговата младост и едукативен престој во Франција и „La Ventana (Прозорецот)“ кој ја отсликува неговата страст за Шпанија.
Изведбата е поставена и режирана од Ева Клоберг и Франк Андерсен (Данска), кореографијата е на Аугуст Бурнонвил (Данска), на музика од Х. С. Паули, Х. К. Лумбие, В. К. Холм, Е. Хелстед, сценографијата е на Зоран Николовски, костимите ги изработи Марија Пупучевска, а асистент на продуцентите е Саша Евтимова.
Настапуваат првенци, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Бурнонвил е Данец кој живеел помеѓу 1805 и 1877 година и создал повеќе од 50 балетски дела. Тој бил визионер, кој најголем дел од своето образование го стекнал во Франција. Бурнонвил се смета за „татко“ на Кралскиот дански балет чиј што уметнички директор бил повеќе од 40 години. Како резултат на своето школување во Франција, тој создал сопствен балетски речник, стил и техника. Меѓу неговите најпознати балети се „Наполи“ од 1842 година и „Силфида“ од 1836 година.

Comentários