Родната куќа на народниот херој Стив Наумов ќе се реставрира
- Aleksandar Santovski
- Mar 9, 2021
- 1 min read
Родната куќа на народниот херој Стив Наумов која се наоѓа на улицата „Пецо Божиновски” бр.11 во Битола ќе се реставрира со средства на Министерството за култура.
Како постојана музејска поставка куќата за првпат беше отворена на 4 јули 1961 година откако објектот е реконструиран и адаптиран за таа намена. Во изминатите години овој објект беше реставриран во неколку наврати. Во 1977 година тој е реконструиран и адаптиран, а на јавноста и беа презентирани сегменти за животот и делото на Наумов, кој во периодот на Народноослободителната војна на македонскиот народ како секретар на КПЈ-КПМ за Битола со својата револуционерна дејност прерасна во легендарна личност. Самата поставка е поставена на простор од околу 150 метри квадратни. Во 2002 година, повторно е обновена со содржина од нови експонати.
Во приземниот дел во најголема мера прикажана е покуќнината и предметите за секојдневна употреба на семејството Наумови. На горниот кат од објектот кој зазема простор од околу 80 квадратни метри во четири посебни целини, пак, се презентирани документи и предмети од најраното детство на Наумов, фотографии, документи, предмети тесно поврзани со животот на неговото пошироко семејство, а во втората целина е прикажана неговата револуционерна активност, неговото загинување на 12 септември 1942 година заедно со неговиот соборец и другар народниот херој Мите Богоевски.
Историскиот дел завршува со приказ на победата над фашизмот и сé она што за овој херој е напишано и изградено во негова чест. Во третата целина на 18 квадратни метри уредена е гостинска, приемна соба за свечености-визити, со оригинални и откупени предмети од тој период, со еден фонд на урамени фамилијарни фотографии. Целокупната поставка завршува со ходник во кој се поместени три уметнички дела од ликовниот уметник Тоде Ивановски.

Comments