top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Репрезентацијата тргнува кон решавачките мечеви за пласман на ЕП

15.02.2021 februari ponedelnik

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2022

Македонската машка кошаркарска репрезентација, под водство на селекторот Александар Тодоров, по пет одработени тренинзи, денеска треба да замине за рускиот град Перм на решавачкиот квалификациски турнир (од четврток до понеделник), во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, во Италија, Грузија, Германија и во Чешка. Атмосферата е оптимистичка, вредно се тренираше во термините кога и ќе се одиграат четирите натпревари.

– На секој натпревар ќе дадеме 100 отсто од своите можности и ќе одиме на победа. Перм ќе биде голем предизвик во однос на големиот број мечеви во мал временски интервал, но верувам дека оваа репрезентација има капацитет за такво нешто. Тренинзите поминуваат одлично, сите добро се знаеме од претходните собири. Убеден сум дека ќе бидеме изненадување на овој турнир. Кој и да настапи од моите соиграчи, знам дека ќе го даде максимумот. Сметам дека Италија е селекција со која можеме да одиграме квалитетен натпревар и да оствариме победа, а истото тоа го мислам и за Русија. Сепак сѐ зависи од нас – смета кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром, Филип Бакоч.

Деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, проф. д-р Ленче Алексовска Величковска, која е составен дел од стручниот тим на нашиот национален тим, одржа едно предавање поврзано со јакнењето на оној тимски дух потребен за уште подобри резултати. Таа ги запозна репрезентативците со сите психолошки моменти што со себе ги носи еден турнирски систем на натпреварување, но и начинот на психолошката подготовка за она што ги чека македонските кошаркари на квалификациските во Перм, објави Кошаркарската федерација на Македонија на својата интернет-страница. Првиот дуел со Италија е в четврток, в петок следува мечот со Русија, а по слободниот ден, повторно дуел со Италија. На 22 февруари е средбата со Естонија.

Естонија со изменет состав, Италија со еден дебитант

Селекторот на репрезентацијата на Естонија, Финецот Јука Тојала, ги одбра 15-те кошаркари за турнирот во Перм, во квалификациите за пласман на Европското првенство в година. Од посакуваните, сепак, нема да патуваат Слим Сандер Вене, Мартин Пасоја, Кристијан Кицинг и Слим Маркус Пост, а здравствени проблеми има Сајмон Сут. Кер Криса е во САД, но нема дозвола од Универзитетот Аризона да допатува на турнирот. Тојала верува дека, сепак, ќе го има на списокот Сандер Раиесте, кој како играч на Басконија има обврски во Евролигата. Вене со просек од 18,5 поени по натпревар е втор стрелец во естонската репрезентација во квалификациите за ЕП 2022, зад Кристијан Куламае со 24. На списокот на Естонија се Куламае, Стен-Тиму Сок, Раит-Риво Лане, Март Росентал, Раин Веидеман, Мартин Дорбек, Роберт Валге, Јанари Јесар, Јан Пуидет, Хенри Дрел, Крегор Хермет, Каспар Треиер, Рауно Нургер, Маик-Калев Котсар, Микел Кирвес. Италија, пак, со која Македонија ќе одигра два дуела, во скратениот список со 14 играчи има само еден кошаркар што ќе дебитира во најдобриот состав. Тоа е младото крило Габриеле Процида (18 години, 200 см), кој настапува за Палаканестро Канту. По претходното отсуство од турнирот во Талин во ноември лани, се враќаат Филипо Балди Роси, Џордано Бортолани, Матео Спањоло и Леонардо Тоте.


1 view

Comments


bottom of page