top of page

Разговор со Елена Андоновска: Македонските народни песни мора да бидат зачувани, тие се дел од нашет

„Народните песни и ора се многу важен сегмент од духовната култура на еден народ. Според тоа мора да бидат зачувани од заборав. Постојат институции кои се грижат за тоа, но и јас како индивидуалец сакам да придонесам народната песна да не се заборави. Целата идеја за реализација на двата проекти на кои работев изминатите три години, беше овие дваесет македонски народни песни да се слушаат и да допрат и до помладата публика. Ова е еден од начините да го зачуваме постоењето и идентитетот на македонскиот народ кој отсекогаш творел и создавал“, вели вокалната интерпретаторка Андоновска за весникот ВЕЧЕР по повод новит албум “Запеало славеј пиле“

Младата македонска вокална интерпретаторка Елена Андоновска создава и во екот на пандемијата, а резултат е албумот „Запеало славеј пиле“ со македонски народни песни кои во текот на оваа година ќе се промовираат пред јавноста. Токму насловната нумера која го има истиот назив со албумот, е авторска песна на ненадминливата Васка Илиева, која беше амбасадор на народната македонска песна во светот, но овој пат со нов музички аранжман. Како што вели и самата Андоновска, која има работно искуство како професор по народно пеење, “македонските народни песни мора да бидат зачувани, тие се дел од нашиот идентитет“.

„Албумот ‘Запеало славеј пиле’ е мој втор солистички албум. Се снимаше во текот на 2020 година и претставува проект од национален интерес за државата, кој беше поддржан од Министерството за култура. Се состои од десет македонски народни песни со нов музички аранжман. Се снимаше во студио ‘Подрумот’ со продуцентот Ангел Ќосев со кој соработував и за првиот албум со наслов ‘Кој што ме чуе да пеам’. Сите песни се снимаа со инструменти во живо, а овој пат за разлика од првиот албум, збогатени со повеќе инструменти: канон, ут и зурла. Зад комплетниот звук на овој албум стојат шеснаесет музичари и придружни вокали кои се мои долгогодишни соработници и колеги. Аранжманите на песните ги работеа Дарко Илиевски и Александар Јовевски.

Песната ‘Запеало славеј пиле’ е авторска песна на Васка Илиева, но во соработка со нејзините наследници добив право за препејување со нов аранжман. Пресреќна сум што нејзиното семејство ме поддржува во мисијата да не се заборават нејзините песни, како во овој така и во претходниот албум каде што ја снимив безвременската ‘Судбо моја’”, вели за весникот ВЕЧЕР Андоновска.

Како што додава, таа шест години од своето работно искуство го поминала и како професор по народно пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, со што на нејзините ученици ги пренесувала вештините и знаењето кое го поседува.

„Секогаш постоеле добри ученици кои се издвојувале со својата вокална техника и способност и истите биле мотивирани од мене да го насочат интересот кон народното пеење. Дел од нив го прават тоа и сум многу среќна што стануваат мои колеги. Интересот кај младите генерации не е многу голем со оглед на фактот дека оваа музика не е многу популарна кај истите но сепак постојат сè повеќе и повеќе млади интерпретатори кои многу ветуваат и навистина ја сакаат народната песна“, посочува Андоновска. Таа и самата раснела во семејство каде што се почитува и слуша македонската народна музика до денешен ден, а истото се труди да им го пренесе и на нејзините деца.

„Можам да кажам дека откако паметам за себе сум дел од фолклорната сцена, како член на Културно-уметнички друштва, понатаму како средношколец во ДМБУЦ, насоката за традиционална музика и игра, студент на катедрата за етнокореологија и секако како професионален пејач во НУ ‘Танец’. Љубовта кон народната музика стана моја професија и ја работам со огромно задоволство.

Народните песни и ора се многу важен сегмент од духовната култура на еден народ. Според тоа мора да бидат зачувани од заборав. Постојат институции кои се грижат за тоа, но и јас како индивидуалец сакам да придонесам народната песна да не се заборави.

Целата идеја за реализација на двата проекта на кои работев изминатите три години, беше овие дваесет песни да се слушаат и да допрат и до помладата публика. Ова е еден од начините да го зачуваме постоењето и идентитетот на македонскиот народ кој отсекогаш творел и создавал“, додава Андоновска.

Како што открива за ВЕЧЕР, таа веќе почна да работи и на видео запис на една од песните која е застапена на албумоит „Запеало славеј пиле“.

„Ќе биде промовирана кон крајот на март и со неа официјално ја започнувам медиумската промоција на овој албум. До крајот на годината се предвидени уште два видеозаписи. Како и минатата година така и оваа се предвидени повеќе настапи и промотивен концерт, но во зависност од ситуацијата не би можела да дадам конкретни информации“, посочува Андоновска. (Д.Т.)

www.vecer.press




 
 
 

Comments


bottom of page