top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

[Разговор] Надица Фирфова, уредничка во „Арс Ламина“: Eнциклопедиите денес се потребни многу повеќе

„’Прва училишна енциклопедија’, пред сè, е наменета за ученици од основно образование, како и за средношколци, но и за сите љубители на фактографски изданија. Сепак, ова издание не е само водич со одговори за сè што посакуваме да научиме туку и алатка со која се развива желбата за продлабочување на знаењата. Станува збор за сеопфатно издание што покрива повеќе области“, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Надица Фирфова, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“

Вашата издавачка куќа ja издаде „Првата училишна енциклопедија“, тритомно издание наменето за ученици кои сакаат да го надградат своето знаење. За која возрасна група се наменети овие енциклопедии, какви содржини вклучуваат и на кое ниво?

„Прва училишна енциклопедија“, пред сè, е наменета за ученици од основно образование, како и за средношколци, но и за сите љубители на фактографски изданија. Сепак, ова издание не е само водич со одговори за сè што посакуваме да научиме туку и алатка со која се развива желбата за продлабочување на знаењата. Станува збор за сеопфатно издание што покрива повеќе области: математика, физика, хемија, биологија, екологија, историја, географија, уметност, а изобилува со низа научни факти и занимливости што им даваат поддршка на учениците при совладувањето на материјалот од наставната програма на училиште.

Во македонското издание на енциклопедиите се вклучени и две поглавја што се однесуваат на македонскиот јазик и македонската историја. Кои содржини се вклучени во овој дел и кој ги подготвуваше?

Точно, во „Прва училишна енциклопедија“ се вклучени две поглавја за македонската историја и македонскиот јазик што беа подготвени од наши автори. Делот за македонскиот јазик, претставен на 56 страници, е составен од проф. д-р Билјана Маленко и проф. д-р Елизабета Бандиловска, кои успеаја да направат преглед на сите значајни јазични аспекти, токму како што се изучуваат во наставата на училиште, односно почнувајќи од гласовите, акцентот, интерпункциските знаци и правилата за голема буква и гласовните промени, продолжувајќи со видовите зборови (именки, придавки, заменки, броеви, глаголи итн.) и завршувајќи со образувањето сложени зборови, значењето на зборовите, речениците и реченичните членови и односите во сложената реченица. Делот за македонската историја, претставен на 63 страници, е составен од професорите по историја Слободан Шошковски и Мојсо Поповски, кои на извонреден начин успеаја да ја претстават севкупната историјата на македонскиот народ, од предисториските времиња до осамостојувањето на нашата држава. Поткрепени со научни сознанија и богато илустрирани, на овие страници се запознаваме со раѓањето на Македонија, подемот на античкото македонско кралство во времето на Филип Втори и Александар Македонски, како и времето на преселбата на Словените и нивното доаѓање на Балканот и Македонија. Во продолжение е претставена Македонија како колепка на словенската писменост, потоа се опфатени и периодот на Самоиловото Царство, востанијата во Македонија од XI и XIV век, потпаѓањето под османлиска власт, Карпошовото востание, почетоците на националното будење и македонската револуционерна организација. Секако, тука се опфатени и балканските војни, како и Македонија во периодот во Првата светска војна, помеѓу двете светски војни, па Македонија во Втората светска војна и во заедничката федерација – Југославија, и сосема на крајот е даден пресек на настаните при осамостојувањето на македонската држава и стекнување независност.

За нашите читатели можете ли подетално да ги претставите овие три изданија. Кажете и нешто повеќе за техничкиот аспект на енциклопедиите (издавач, обвивка, странци…).


Ова вредно издание се состои од три тома и вкупно 1094 страници. Се работи за квалитетно отпечатено дело во цврста подврска и димензија 190 х 255 mm. Книгите се пригодно спакувани во сопствена дизајнирана кутија. Во првиот том се опфатени темите: јазик, математика, геометрија, астрономија, физичка географија, геологија, палеонтологија, екологија, човечкото тело, здравје и хигиена. Вториот том е посветен на ботаника, зоологија, земјите на светот, народи и култури, економија и општество, превоз и комуникација и физика. Додека третиот том е насочен кон хемија, компјутери, интернет, дизајн и материјали, технологија, историја на светот, историја на уметност и историја на Македонија. Изворно, се работи за издание на издавачката куќа „Едиторијал Осеано“ од Барселона, создадено од голем тим автори и стручни соработници. Делото изобилува со фотографии и илустрации што се во функција на текстот. Исто така, и македонското издание е подготвено со поддршка на стручен тим соработници за секоја област, на чело со проф. д-р Виктор Урумов, препознатливо име во научните кругови и автор на повеќе наслови од различни области. Треба да се напомене и дека енциклопедијата е напишана на едноставен и разбирлив начин. Поставеноста на текстовите е многу јасна и прецизна и постапно го води читателот низ содржините. Придружните илустративни елементи во форма на илустрации, цртежи и фотографии го збогатуваат изданието и се во функција на дополнително појаснување на дадената тема.

Дали содржините во енциклопедиите соодветствуваат со одредени содржини што се изучуваат во основното училиште?

Да, токму ова е и главната придобивка за секој што ја поседува оваа енциклопедија. Корисна е за совладување на лекциите и одговара на програмата и на наставните содржини. Соодветна е и за основците, како и за средношколците и, во суштината, е незаменливо помагало за секој ученик. Насловот укажува на тоа дека се работи за помошна литература врзана за училишните предмети. Речиси сите предмети што се изучуваат на училиште се покриени со некоја од темите во енциклопедијата, па така на едноставен начин учениците можат да ги прошируваат своите знаења или да ги користат содржините како референтна литература кога се подготвуваат за проверка на знаењата или, пак, кога подготвуваат проектна задача по некој предмет. Токму оваа енциклопедија може да биде и патоказ кон понатамошно истражување од други ресурси. Со сето погоре изнесено, можеме да се заклучиме дека оваа енциклопедија е верен пријател на секој ученик во неговото повеќегодишно школување, помагајќи му да открие нови хоризонти и видици.

Колкава е заинтересираноста за овие енциклопедии од страна на учениците и нивните родители?

Живееме во време на брзи информации и интернетот го гледаме како место каде што можеме да најдеме секаков податок и текст за сè што нè интересира. Ова особено важи за денешните генерации на основци и средношколци на кои интернетот им е неизоставен дел од секојдневието. Но, наш став како издавачка куќа е дека енциклопедии од ваков тип денес се потребни многу повеќе од кога било порано. Првично, поради тоа што интернетот е преплавен со дезинформации и не се „црпат“ секогаш податоци од релевантни извори. Поради тоа ја издадовме „Првата училишна енциклопедија“, каде што секој податок е проверен и доаѓа од професори и експерти кои целата своја кариера ја имаат посветено на полето за кое пишуваат. Тоа се еден вид на предавања од експерти кои се конципирани за да бидат разбирливи и соодветни за учениците, а воедно и да ги направат пољубопитни да навлезат и подлабоко во други теми. Задоволни сме со интересот на читателите и секако ќе продолжуваме да издаваме ваков тип дела што во себе содржат проверени и релевантни факти.

Наташа Илиевска-Таневски

www.vecer.press




2 views

Kommentare


bottom of page