Пројковски: Успехот на “Ана Каренина“ во Војводина е признание и за македонскиот театар
“Во време на пандемија е многу важно што сите заедно успеавме да го одржиме фестивалот и заедно со публиката да го славиме театарот. Би сакал да потенцирам и дека со мене беше и мојот авторски тим така што ова е и големо признание за македонскиот театар“, изјави за весникот ВЕЧЕР режисерот Дејан Пројковски чија претстава “Ана Каренина“ во изведба на Новосадскиот театар беше апсолутен победник на 70. Фестивал на професионални театри на Војводина со седум награди
Претставата „Ана Каренина“ на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а во изведба на ансамблот на Новосадскиот театар, со седум фестивалски награди постигна апсолутна доминација на јубилејниот 70-ти Фестивал на професионални театри на Војводина. Успехот на оваа претстава во режија на Пројковски е толку поголем од причина што се работи за подвиг направен во конкуренција од вкупно седум претстави на театрите во Војводина.
“Многу се радувам за големата победа на мојата претстава “Ана Каренина“ на Фестивалот на професионални театри на Војводина. Посебна важност дава и фактот што оваа година на фестивалот имаше навистина голема конкуренција и добри претстави. Овој фестивал е еден од најзначајните во регионот, а со тоа и важноста на наградите. Исто така би сакал да кажам дека во време на пандемија е многу важно што сите заедно успеавме да го одржиме фестивалот и заедно со публиката да го славиме театарот. Сакам да додадам дека станува збор за големи продукции со голем број на учесници. Би сакал да потенцирам и дека со мене беше и мојот авторски тим така што ова е и големо признание за македонскиот театар“, изјави за весникот ВЕЧЕР режисерот Пројковски.
“Ана Каренина“ доби награда за најдобро театарско остварување во целина, а Пројковски е прогласен за најдобар режисер. Наградата за најдобра сценографија ја доби македонскиот сценограф Валентин Светозарев, а уште две Македонки беа наградени за својата работа на претставата. Олга Панго ја доби специјалната награда за најдобра кореографија, поточно сценско движење, а Марија Пупучевска признанието за најдобра костимографија.
Дека Пројковски го имаше и најдобриот актерски тим, зборуваат и наградите за најдобар актер (Арпад Мезсарош) и актерка (Тимеа Филеп) интерпретатори на Вронски и Ана Каренина во оваа претстава. За наградите одлучуваше жири во состав: режисер и писателка Вида Огњеновиќ, сценограф и костимограф Миодраг Табашки и актер и професор Предраг Момчиловиќ.
Инаку, “Ана Каренина“ од Дејан Пројковски беше првата премиера во 46. сезона на Новосадскиот театар, која беше замислена и се одржа под слоганот „Лузни“.
“Неколку години наназад имав можност да наидам на одлична литература. Ги режирав Браќа Карамазови“,“Ана Каренина“, “Коцкар“ … За краток временски период, направив претстави базирани на адаптации на култни романи, па знам колку е голем предизвикот, но и колку е тешко. Бидејќи сам ги правам драматизациите, секогаш разговарам со актерите и нема поинаков и подобар начин кога се поставуваат вакви одлични романи. Сите ние треба заедно да го искусиме тој материјал, секоја реченица, детал, метафора…“, изјави тогаш Пројковски. Тој додаде и дека Достоевски е светот што го фасцинира “тој е како рентген, скенер на човечката душа“.
За самата претстава Пројковски истакна “Изборот помеѓу индивидуалната среќа, или среќата на семејството, поточно другите, дали да се одбере сопствен пат, или да се остане во некои рамки каде што општеството ќе ве постави во еден момент, се изборите, дилемите и прашањата поставени од оваа претстава“.
Пројковски исто така смета дека Ана Каренина има нешто во себе поради што на некој начин може да каже дека е женски Хамлет, бидејќи нивниот главен проблем е борбата на индивидуата против општеството, иако од различни причини. Според него она со што претставата се занимава се луѓето кои се обидуваат да го најдат својот пат, значење, да најдат дефиниција за тоа што значи среќата, што значи да сакаш…
Тој, како што додава за весникот ВЕЧЕР, ја завршил претставата “Кармен“ во Драмски театар, а чија премиера ќе биде после Велигденските празници.
“Сега започнав со проби во Народниот театар во Бања Лука, на претставата “Генетика на кучуњата“ на Венко Андоновски, а премиерата ќе биде кон крајот на јуни“, додава Пројковски. (Д.Т.)
Comments