Промоција на стихозбирката „На ракавот на градот“ од Ивана Јовановска
На платото пред Младинскиот културен центар вечерва од 20 часот ќе биде промовирана стихозбирката „На ракавот на градот“ – дебитантска поетска книга на Ивана Јовановска, издание на ПНВ-публикации.
Во поговорот кон стихозбирката, проф. д-р Владимир Мартиновски, меѓу другото, наведува дека поезијата на Јовановска со својата свежина, едноставност и непосредност, со секој нов стих, со секоја нова поетска слика, со секое ново пеење нè потсетува на потребата да се зачува, да се обнови, да се втемели разнишаното достоинство на современиот човек. „Меѓу редовите на песните на Ивана Јовановска како дискретно да се открива една од тајните на добрата поезија – не само да ја поттикнува здравата надеж во нас, туку и да нè потсетува ‘да љубиме, поинаку, повеќе’, пишува Мартиновски. Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Учествувала на повеќе поетски читања во Скопје, а нејзини песни се објавени во списанија и платформи за литература. Аматерски се занимава и со уметничка фотографија. Промоцијата на книгата пред МКЦ ќе биде организирана согласно со здравствените протоколи за заштита од КОВИД-19.
Comments