top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Продуцентот Антов: Очекувам со „Вера сонува за морето“ да го донесеме Златниот лав во Македонија

„ Годинава ја почнавме со многу фестивали и успеси, од кои Филмот ‘Северен пол’ на Марија Апчевска беше во Кан, филмот ‘Сестри’“ освои награда во Карлови вари и сега очекуваме успех тука во Венеција. Драго ми е што Агенцијата за филм го препозна овој копродукциски проект, прв долгометражен филм на режисерката Калтрина Красниќи, со кој се надевам сите ќе се гордееме“, изјави директорот на Агенција за филм Бојан Лазаревски

Македонската копродукција, долгометражниот дебитантски игран филм „Вера сонува за морето“ на режисерката Калтрина Красниќи, на 8 септември ќе ја има својата светска премиера на најстариот и најпрестижниот филмски фестивал од А категорија, Интернационалниот филмски фестивал во Венеција, каде влегува во трка за престижната награда “Златен лав“. Според продуцентот Огнен Антов од „Дрим фектори“ се работи за филм кој целосно одговара и на тематиката на годинашниот фестивал во чиј фокус е жената.

“Во 2010 успеавме да го донесеме ‘Срцето на Сараево’, во 2019 награда на ИФФ Торонто и Санденс, се надевам дека оваа година ќе успееме да го донесеме ‘Лавот’ од Венеција“, истакна меѓудругото на вчерашната прес конференција Антов. Инаку, според Антов, интересно е што филмот зборува за жена, главниот лик е жена, сценарист (Дорутина Баша) и режисер се исто така жени, како и кинематограф (Севдије Кастрати).

Антов додаде и дека со копродуцентите од Косово „Истра креатив фектори“ и Албанија „Пападимитри филм“ е направена компактна екипа која го создаде овој филм за кој смета дека ќе има успех на претстојниот фестивал.

Во филмот главната улога е Вера, играна од актерката Теута Ајдини-Јегени, првенка на Албанскиот театар во Скопје. Играат и актерите Рефет Абази, Алкета Силај, Астрит Кабаши…

Филмот ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик, која по самоубиството сопругот, реномираниот судија, Фатмир Гаши се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.

„Годинава ја почнавме со многу фестивали и успеси, од кои филмот ‘Северен Пол’ на Марија Апчевска беше во Кан, филмот “Сестри“ освои награда во Карлови Вари и сега очекуваме успех тука во Венеција. Драго ми е што Агенцијата за филм го препозна овој копродукциски проект, прв долгометражен филм на режисерката Калтрина Красниќи, со кој се надевам сите ќе се гордееме“, изјави директорот на Агенција за филм Бојан Лазаревски, кој со дел од екипата е веќе во Венеција.

Актерката Теута Ајдини-Јегени, која го толкува главниот лик, пак, посочи дека името Вера е „име на секоја жена во светот“. Во случајот вели таа, Вера е синоним за жена која се бори со корупцијата, за семејството, со традицијата…

„Живеам во една мала чудесна земја, каде што невозможното станува возможно. Каде далечината е блиску, каде што желбата станува реалност, каде што сонот станува јаве. Мене ми се оствари желбата да бидам дел од одлично сценарио, и да стапнам на црвениот тепих“, изјави Ајдини –Јегени.

Филмот е влезен во официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во Венеција во категоријата Хоризонти, а се одржува од 1 до 11 септември 2021. (Д.Т.)




1 view

Comments


bottom of page