Продолжува традицијата, 58. Мавровски меморијал
03.02.2021 februari sreda
НОРДИСКО СКИЈАЊЕ – НА ПАДИНИТЕ НА БИСТРА
На падините на Бистра, денеска и утре, ќе се одржи традиционалниот 58. Мавровски меморијал во скијачко трчање, во чест и во спомен на 38-те градители на мавровскиот електросистем и на 14-те граничари, кои ги загубија животите во снежната лавина во 1956 година. На годинашниот Меморијал, натпревар во рамките на Балканскиот куп во скијачко трчање, во трките на пет (жени) и на 10 км (мажи), ќе настапат околу 60 скијач(к)и од 10 земји, од Србија, Црна Гора, БиХ, Грција, Турција, Бугарија, Унгарија, Русија и од Аргентина. Македонија ќе ја претставуваат шестмина скијач(к)и, предводени од најдобриот, олимпиецот Ставре Јада, потоа Андонаки Костоски, Дарко Крстески, Дејвид Величковски, Михаела Даноска и Евгенија Здравевска. – Во Маврово, за разлика од лани, временските услови се одлични, има доволно снег, патеката е добро подготвена и јас очекувам квалитетни и возбудливи трки.
Конкуренцијата ќе биде силна, има неколкумина фаворити за освојување на првите места на двете трки, како што се Страхиња Ериќ од БиХ, кој лани беше втор и трет, потоа Омер Ајчичек од Турција и други. Очекувам добри трки и од Ставре Јада, но не би сакал што било да прогнозирам за неговиот пласман. За другите македонски претставници овие трки се добра можност да си ги испробаат силите во силна конкуренција и да постигнат што е можно подобри времиња – вели тренерот и селектор на македонските нордијци, Ѓоко Динески. Покрај трките на пет и на 10 км, во месноста Мирна Долина во Маврово, (почеток во 10 часот), ќе се одржат и детски трки, на 2,5 и на 5 км, на кои ќе настапат млади надежи од Македонија, Србија и од Грција.
Comments