top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Првпат на европско првенство ќе има судија од Јужна Америка

ФУДБАЛ – УЕФА

Судискиот комитет при Европската фудбалска унија (УЕФА) ги објави имињата на 18-те судии од Европа и нивните асистенти што ќе ја делат правдата на Европското првенство (ЕП) летово. Покрај тоа, како дел од програмата за размена, во рамките на договорот за соработка помеѓу УЕФА и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), првпат еден судија од Јужна Америка ќе биде дел од европско првенство, а еден судија од Европа ќе биде ангажиран на Копа Америка, фудбалското првенство на Јужна Америка.

Аргентинецот Фернандо Рапалини и неговите помошници ќе им се придружат на европските судии на ЕП 2020, а шпанскиот судиски тим предводен од Хезус Хил Манцано ќе биде дел од судиите на Копа Америка летово во Аргентина и во Колумбија.

Секој судиски тим на ЕП 2020 ќе се состои од главен судија, двајца помошници, четврти судија, резервен помошник-судија на стадионот и тим од четворица видеосудии (ВАР). Вкупно, УЕФА одреди да има 22 судии од осум земји за системот ВАР.

Подготовката на сите судии ќе вклучува курс што ќе се одржи во Истанбул, Турција, од 10 до 13 мај. Сите судии во базниот камп во Истанбул ќе останат од 7 јуни до завршувањето на четвртфиналните натпревари, по што преостанатите судии ќе се преселат во Лондон, за последните три натпревари на ЕП 2020 (за двете полуфиналиња и за финалето), објави УЕФА на својата интернет-страница.

ГЛАВНИ СУДИИ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Феликс Брих, Даниел Зиберт (двајцата од Германија), Карлос Дел Серо Гранде, Антонио Мигел Матеу Лахоз (двајцата од Шпанија), Овидиу Алин Хатеган, Иштван Ковач (двајцата од Романија), Бјорн Кујперс, Дани Макели (двајцата од Холандија), Мајкл Оливер, Ентони Тејлор (двајцата од Англија), Артур Мануел Рибеиро Соарес Диас (Португалија), Чунејт Чакир (Турција), Андреас Екберг (Шведска), Орел Гринфелд (Израел), Сергеј Карасев (Русија), Даниеле Орсато (Италија), Славко Винчиќ (Словенија), Климен Турпин (Франција), Фернандо Рапалини (Аргентина).

Фрапар ќе биде првата судијка на ЕП

Французинката Стефани Фрапар ќе биде првата судијка на европско првенство (ЕП) во машка конкуренција, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Таа ќе биде дел од официјалните судиски тимови на натпреварите на ЕП 2020, во улога на четврти или на резервен судија. Фрапар (37) во октомври лани дебитира во европските клупски натпреварувања, во Лига Европа, на натпреварот Лестер – Зорја Луганск. Потоа во декември стана и првата судијка на меч во Лигата на шампионите за мажи, во групната фаза, Јувентус – Динамо Киев. Таа, исто така, беше и првата жена што ја делеше фудбалската правда на квалификациски натпревар за фудбалери, за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година, во март годинава, на мечот помеѓу Холандија и Летонија. Фрапар судеше и на финалето на Светското првенство за фудбалерки во 2019 година, САД – Холандија, како и на мечот од Суперкупот на УЕФА помеѓу Ливерпул и Челси истата година. Таа редовно суди и на натпреварите за мажи во француската Лига 1.


2 views

Comments


bottom of page