top of page

Праизведба на поемата „Скопје“ од композиторката Ана Пандевска

Концерт насловен „Музиката и градот“ на кој праизведба ќе доживее електроакустична симфониска поема „Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, ќе се одржи вечерва во 19 часот, во изведба на оркестарот на Филхармонија. На програмата се и „Фантазија за обоа и оркестар на фолк-тема“ од Васил Атанасов В’чев (кој ќе настапи и како солист на обоа), Адаџето од Малер и „Роденденот на една инфантка“ од Шрекер. Диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија. Ана Пандевска (1985) е македонска композиторка што пишува музика инспириран од фолклорот, џезот, амбиенталната музика, а во последно време нејзиниот интерес е насочен кон е електроакустичниот израз. Симфониската поема „Скопје“ е фузија од различни музички влијанија, истражувања и естетски вкусови сублимирано во едно дело. Инспирацијата за делото е градот Скопје, градот во кој самата композиторка е родена и живее и во него, како што вели, се обидува на урбан начин да ги пренесе своите емоции и најзначајните скопски знаменитости преку електронски наративни семплови.

Васил Атанасов, музички уметник-обоист ѝ припаѓа на онаа одбрана плејада репродуктивни уметници во македонската култура, која својата силна уметничка дејност на концертната сцена, со моќниот говор на своjот инструмент ги гради денешната музичка култура и традиција кај нас. Неговата истрајност на патот на уметноста, на патот кон креативната интерпретација се граничи со строг фанатизам на еден силен и енергичен дух на карактерен човек и длабоко вљубен уметник во звукот на својот инструмент, кој за него живот значи – обоата. Тимоти Редмонд студира обоа на Кралскиот северен колеџ за музика. Од 2006 година е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции. Неодамна во САД, Редмонд работи како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а од скоро ја збогати сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“. Во иднина го очекува премиерата на операта „Напудри го нејзиното лице“ од Томас Адес во Англиската национална опера.


 
 
 

Commentaires


bottom of page