Потпишана Програма за соработка во областа на културата меѓу Северна Македонија и Унгарија
Министерката за култура Ирена Стефоска и унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, кој е во работна посета на земјава, денеска потпишаа Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за човечки ресурси на Унгарија за периодот 2021 – 2023 година.
Потписниците на Програмата се заложија во периодот што следува, Република Северна Македонија и Унгарија да ја поддржат соработката во областа на културата и да придонесат за засилување на нејзината улога во своите земји, а да се направат и напори за интензивирање на соработката меѓу институциите и здруженијата.
Од Министерството за култура информираат дека со Програмата за културна соработка се предвидени активности и комуникација во сите дејности на културата. Заемна и директна соработка е предвидена и меѓу институциите од областа на визуелната и применетата уметност, фотографијата, дизајнот, архитектурата, уметноста на новите медиуми. Исто така, превидено е и засилување на соработка меѓу авторите, преведувачите и релевантните организации и здруженија од областа на литературната и издавачката дејност.
Со Програмата, според Министерството, ќе се поттикнува развој на соработката и во филмската, телевизиската, видеопродукциската и во дистрибутивната индустрија, и посебен акцент ќе биде ставен на соработката во заштитата на културното наследство, преку директни контакти на сродните институции, како: музеите, галериите, библиотеките, конзерваторските центри и други професионални организации кои се занимаваат со заштита и истражување на културното наследство.
– РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И УНГАРИЈА ТРАДИЦИОНАЛНО НЕГУВААТ ДОБРИ ОДНОСИ ВО ОБЛАСТА НА КУЛТУРАТА. ДВЕТЕ ДРЖАВИ ИМААТ МЕЃУИНСТИТУЦИОНАЛНА СОРАБОТКА И ВО БИБЛИОТЕЧНАТА ДЕЈНОСТ, А НУБ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ОД СКОПЈЕ ИМА ПОТПИШАНО ДОГОВОРИ ЗА СОРАБОТКА СО НАЦИОНАЛНАТА БИБЛИОТЕКА СЕЧЕЊИ И СО НАЦИОНАЛНАТА БИБЛИОТЕКА ЗА СТРАНСКА ЛИТЕРАТУРА ВО БУДИМПЕШТА. ЗНАЧАЈНА Е СОРАБОТКАТА И МЕЃУ НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И УНГАРСКАТА ДРЖАВНА ОПЕРА, КОИ, СО ПОСРЕДСТВО НА АМБАСАДАТА НА РСМ ВО БУДИМПЕШТА, СЕ ВО ДИРЕКТЕН КОНТАКТ ЗА ГОСТУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ НА СЦЕНАТА ВО ТЕАТАРОТ „EIFFEL“ ВО БУДИМПЕШТА ВО 2022 ГОДИНА СО ПРЕТСТАВАТА „ИГРИ НА ЖИВОТОТ“, СЕ НАВЕДУВА ВО СООПШТЕНИЕТО НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА.
Comments