Португалија, Англија, па Македонија
02.04.2021 April Petok
Македонската фудбалска репрезентација во средата го победи четирикратниот светски првак Германија, на гости, со 2-1, во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, а за Германија тоа беше само трет пораз во квалификациски натпревар за мундијал. Германија, која во квалификации за СП игра од циклусот за СП во 1934 година, сите три пораза ги претрпе на домашен терен.
Португалија прва ја победи Германија во квалификациски меч за СП, во 1985 година, во Штутгарт, со 1-0, во циклусот за пласман на СП 1986 во Мексико. Стрелец на голот беше Мануел Карлос во 55. минута. Германија потоа беше прва во квалификациската група, а на СП 1986 играше во финалето.
Вториот пораз на Германија во квалификации за СП ѝ го нанесе Англија, во 2001 година, со 5-1, во Минхен, во циклусот за СП 2002. Карстен Јанкер ја донесе Германија во водство, но потоа стрелци за Англија беа Мајкл Овен (три), Стивен Џерард и Емили Хески. Германија беше втора во групата, на тоа СП се пласира преку баражот, а на Мундијалот настапи во финалето.
Во квалификации за европските првенства (ЕП), пак, трикратниот европски првак Германија има 10 пораза, од тоа три дома, и тоа од Северна Ирска со 0-1 (за ЕП 1984), од Чешка со 0-3 (за ЕП 2008) и од Холандија со 2-4 (за ЕП 2020). Вкупно, на 101 квалификациски меч дома за СП и за ЕП, Германија загубила шест пати.
Comments