top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Порто домаќин на финалето во ЛШ

ФУДБАЛ

Финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) Челси – Манчестер сити, наместо на стадионот „Ататурк“ во Истанбул, ќе се игра на стадионот „Драгао“ во Порто, на 29 мај. Постоеја некакви шанси финалето да се игра и на „Вембли“ во Лондон, но преговорите меѓу Европската фудбалска унија (УЕФА) и Владата на Велика Британија не дадоа плод. УЕФА бараше значителни олеснувања, односно изземање од карантин за 2.000 службеници, спонзори, специјални гости и претставници на медиумите, на што Британците не се согласија, пишува „Скај спорт“. Капацитетот на стадионот „Драгао“ е 50.000 гледачи, а УЕФА преговара со португалската влада да им се дозволи на 20.000 навивачи да присуствуваат на финалето. Тоа значи дека навивачите на двата клуба би добиле по 6.000 билети. Португалија е на „зелената листа“, што значи дека Британците ќе можат да патуваат таму. Ова ќе биде трето финале во Португалија во последните осум години, но прво во Порто, по двете финалиња на стадионот „Луж“ во Лисабон, во 2014-та и во 2020-та. На навивачите во Португалија не им беше дозволено да присуствуваат на натпреварите сезонава, но португалската лига пред два дена објави дека тие ќе можат да ја проследат последната првенствена рунда следната среда, со 10 отсто исполнетост на капацитет на стадионите.

Натпреварот закажан за Истанбул се најде под голем притисок откако Владата на Велика Британија ја стави Турција на „црвената листа“ на ризични земји поради ковид-19 и апелира до навивачите да не патуваат на средбата. Владата донесе уредба граѓаните на Велика Британија што се враќаат од земјите на „црвената листа“ да бидат десет дена во карантин. – Сметам дека по една тешка година не е во ред навивачите да немаат шанса да ги гледаат своите тимови на најголемиот натпревар во сезоната. Затоа повторно се свртевме кон нашите пријатели во Португалија, за да им помогнат на УЕФА и на Лигата на шампионите, и јас сум им многу благодарен што се согласија да го организираат натпреварот за толку кратко време. Тие во многу тесни временски ограничувања најдоа решенија како да го организираат ова финале – изјави првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин.

ЗА ФИНАЛИЊАТА ВО ЛШ И ВО ЛЕШпанско- француски судиски тимови

Шпанецот Антонио Лаоз ќе ја дели правдата во финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), Манчестер сити – Челси, на 29 мај, а Французинот Клемон Турпан ќе суди на финалето во Лига Европа (ЛЕ), Манчестер јунајтед – Вилјареал, на 26 мај. На Лаоз, кој судеше на шест натпревари во ЛШ сезонава, вклучувајќи го и првиот четвртфинален, Баерн – ПСЖ, ќе му помагаат сонародниците Пау Девис и Роберто дел Паломар, а Карлос Гранде ќе биде четврти судија. Турпан сезонава судеше на седум натпревари во ЛШ, а во 2018-та беше четврти судија на финалето Реал Мадрид – Ливерпул во Киев. Негови помошници ќе бидат сонародниците Никола Данос и Сирил Грангор. Четврти судија е Славко Винчиќ од Словенија.


2 views

Kommentare


bottom of page