Помината првата пречка на патот кон ЕП
13.01.2021 Јануари Среда
ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА КОНТИНЕНТАЛНОТО ПРВЕНСТВО
Потешко од очекувањата, во нервозен меч, со многу грешки, Македонија ја совлада Босна и Херцеговина со 3-1 (27-25, 25-21, 23-25, 25-19) во воведниот натпревар во квалификациската група Ц во Скопје, за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во одбојка. Според статистиката на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), првиот официјален натпревар во 2021 година беше 149-ти за одбојкарите на Македонија во квалификациите за големите настани и беше забележана 68-та победа. Денеска Македонија се среќава со Турција, која синоќа играше против БиХ. Квалификацискиот турнир трае до сабота. Првопласираните репрезентации од седумте квалификациски групи ќе играат на континенталното првенство, како и петте второпласирани со најдобар ефект. На ЕП што треба да се одржи во Полска, Чешка, Финска и во Естонија, директен пласман обезбедија Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија, Белгија според пласманот на минатото ЕП, потоа земјите-домаќини, како и Летонија како победник на квалификациската група Д. Во јануари се игра уште и во групата Б, а мечевите во преостанатите групи (А, Е, Ф и Г) на програмата се во мај.
Малку нешта на мечот против БиХ беа како што посакуваа и очекуваа селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ, и неговите избраници. Но доброто во сево ова е што беше забележана планираната победа и што е помината првата пречка на патот кон втор пласман на Македонија на ЕП, по дебито пред две години во групата што се играше во Љубљана (Словенија). Зборовите на капитенот Никола Ѓоргиев, на неговиот фејсбук-профил, најдобро ги отсликуваат случувањата на овој натпревар: „Повеќе сакам тесна победа во лоша игра, отколку пораз во добра.“ – Тежок напревар, многу грешки, нереализирани контранапади. Не се опуштивме, никако, можеби врз нас влијаеше долгата пауза од речиси една и пол година, по последниот официјален натпревар. А некако по традиција секогаш првите вакви мечеви ги играше лошо. Против Турција ќе мора да одиграме многу подобро и да поправиме многу компоненти во нашата игра, инаку нема што да бараме во денешниот дуел – изјави Ѓоргиев.
Подобрата игра во нападот беше клучниот елемент за победата на Македонија, во комбинација со многуте грешки на одбојкарите на БиХ, особено при приемот на сервисот во клучните моменти. – Немаше пресија пред мечот, но лошо почнавме, особено во нападот, направивме многу грешки, ги имаше и до 10 во еден сет, по што е навистина тешко да се игра. По ова треба малку да се одмориме, да се соземеме, особено на психолошки план, и да се подготвиме за мечот со Турција. Мислам дека не може да ни се повтори ваква конфузна игра со премногу грешки – рече селекторот Матијашевиќ.
Ѓорги Ѓоргиев: Најтежок меч во кариерата
Најтежок меч во мојата репрезентативна кариера на психолошки план, а и на повеќето мои колеги. Тешко се играат вакви мечеви, бидејќи целиот притисок беше врз нас, за разлика од гостите. Но најважно од сѐ е што победивме, што ги освоивме првите три бода, и верувам дека отсега ќе играме многу подобро на турнирот, изјави плејмејкерот Ѓорги Ѓоргиев
Владо Милев: Најважна е победата
БиХ беше комплетно непозната за нас, бидејќи немавме речиси никакви сознанија за нивната игра, за одбојкарите, а не е лесно да се игра против таков противник. Згора на тоа, не ни тргна најдобро од почетокот, направиме и многу грешки, но на вакви мечеви најважно е да се победи, Македонија го направи тоа и сега одиме натаму, вели Владо Милев.
ГРУПА Ц
Македонија – БиХ 3-1 БиХ – Турција синоќа Македонија – Турција денеска БиХ – Македонија утре Турција – БиХ петок Турција – Македонија сабота сите мечеви почнуваат во 18 часот
https://www.novamakedonija.com.mk
Comments