Писмо на Ајнштајн продадено за 1,2 милион долари
Писмо на Алберт Ајнштајн напишано со рака, во кое се наоѓа неговата позната формула E = mc2, е продадено на аукција за повеќе од 1,2 милион долари, што е трипати повеќе од очекуваниот износ, соопшти аукциската куќа „ПР аукшн“ од Бостон, САД. Архивистите од програмата „Документи на Ајнштајн“ при Институтот за технологија во Калифорнија и од Хебрејскиот институт во Ерусалим, Израел, тврдат дека на светот постојат само уште три познати примероци каде што Ајнштајн ја напишал славната равенка со рака. Од аукциската куќа во Бостон наведуваат дека овој последен примерок е единствен што се наоѓа во приватна колекција и оти за него дури неодамна се дознало, пренесува „Гардијан“.
Аукциската куќа очекувала дека писмото ќе се продаде за 400.000 долари. – Тоа е важно писмо и од холографско и од гледиштето на физиката – изјави потпретседателот на аукциската куќа, Боби Ливингстон, кој формулата за односот меѓу енергијата и масата ја нарекол најпозната на светот. Равенката со која се одредува дека енергијата е еднаква на масата помогната со квадратот на брзината на светлината во вакуум, ја промени физиката, докажувајќи дека времето не е апсолутно и оти масата и енергијата се еквивалентни. Писмото од едната страна е напишано на германски јазик и му било упатено на полско-американскиот физичар Лудвик Силберстин, а датумот е 26 октомври 1946 година.
Силберстин бил познат критичар на некои теории на Ајнштајн. Една од речениците напишани на меморандумот на универзитетот „Принстон“ гласи: „На вашите прашања може да се одговори со формулата E = mc2 без никакво предзнаење“. Писмото било дел од личната архива на Силберстин, што ја продале неговите наследници. Купувачот е означен само како анонимен колекционер на документи.
Comentarios