Оскари 2021 – со раскажување приказни, “мал“ црвен тепих и сателитски линк
Познатиот режисер Стивен Содерберг, кој е еден од продуцентите на Церемонијата на Оскарите 2021, за „Холивуд репортер“ изјави дека наместо домаќин, настанот го поделиле на „поглавја на кои ќе се раскажуваат приказни“ кои, пак, ќе имаат „водители“. Меѓу ни се и Бред Пит, Харисон Форд и Хали Бери, кои „ќе се глумат себеси, или барем верзија од нив“… По голем број одложувања и продолжено чекање, Оскарите 2021 конечно се пред нас – ќе се одржат ноќта помеѓу 25 и 26 април со почеток од 2 часот (по наше време) и ќе ги пренесува телевизија Телма. Заради здравствените протоколи кои сè уште се на сила заради светската панемија од ковид-19, најголемата ноќ во Холивуд сигурно и секако оваа година ќе изгледа поинаку. Еве сè што треба да знаете за 93. Доделување на Оскари. Како што е познато, во типична година, Оскарите се одржуваат многу порано (крај на февруари), но бидејќи годинава доделувањето беше поместено, сите филмови објавени од 1 јануари 2020 година до 28 февруари 2021 година можеа да бидат разгледани за номинации. Наградите ќе се доделуваат на повеќе локации оваа година Главната церемонија ќе се случува во Долби театарот (каде што обично секоја година се одржуваат Оскарите), но и на Унион станицата (Union Station) во Лос Анџелес. Првично, продуцентите се надеваа дека сите номинирани ќе присуствуваат лично, за да се елиминира потребата за виртуелно присуство. Академијата ќе постави и сателитски линк во Лондон и во Париз за оние кои не можат со време да стигнат до Лос Анџелес. Со ова продуцентите се надеваат дека ќе можат да избегнат некои од технички проблеми и непријатности што се појавија при доделување на други награди каде шоуто беше само преку Зум. Годинава никој нема да биде домаќин-водител на Оскарите. Веќе трета година по ред, Оскарите се одржуваат без домаќин. Познатиот режисер Стивен Содерберг, кој е еден од продуцентите на Церемонијата на Оскарите 2021, за „Холивуд репортер“ изјави дека наместо домаќин, настанот го поделиле на „поглавја на кои ќе се раскажуваат приказни“ кои, пак, ќе имаат „водители“. Овие водители-презентери очигледно „ќе имаат многу повеќе да претстават отколку при типична презентерска ситуација“ и ќе раскажуваат лични приказни за номинираните филмови. Содерберг рече и дека церемонијата ќе биде како филм, а водителите, меѓу кои Бред Пит, Харисон Форд и Хали Бери, „ќе се глумат себеси, или барем верзија од нив“. Кои славни личности ќе присуствуваат годинава на Оскарите? Во обид да се одржи настан според здравствените протоколи, годинашната церемонија ќе биде многу поинтимна од она што сме навикнале да гледаме. Само презентерите, номинираните и нивните партнери ќе можат да присуствуваат лично. Годинашни презентери се: минатогодишните добитници на Оскар-актерите Бред Пит, Рене Зелвегер, Лора Дерн и Хоакин Феникс, кои ќе бидат присутни, како и славни актерски имиња како Хали Бери, Рис Витерспун, Зендаја, Рита Морено, Реџина Кинг, Анџела Бесет и режисерот на „Паразит“, Бонг Џун Хо. И оваа година ќе има црвен тепих на Оскарите, но очекувајте многу помал обем отколку она на што сме навикнале. „Тоа е малечок црвен тепих“, рече продуцентот Стејси Шер на прес-конференција. „Очигледно, тоа е така заради безбедносни причини“. Наместо тоа, „Холивуд репортер“ известува дека шоуто кое претходи на Оскарите ќе биде поставено во два надворешни дворови на Унион станицата и ќе има за цел да биде опуштено собиралиште за номинираните. Уште еден забележителен прекин во традицијата ќе се случува на шоуто кое претходи на Оскарите, за време на кое ќе се емитуваат претходно снимени изведби на петте номинирани оригинални песни (наместо да се изведуваат во живо за време на церемонијата како што обично се правело). Годинава ќе има и пост-шоу чии домаќини ќе бидат актерите Колман Доминго и Ендру Ранелс, а ќе биде наречено Оскари: По мракот (Oscars: After Dark), на кое ќе има интервјуа, навраќања и осврти за победниците кои ги добиваат нивните гравирани статуетки. На Оскарите 2021 година ќе има и кодекс на облекување и тоа е нешто што продуцентите го сфаќаат многу сериозно. „Наша цел е спој или фузија на инспиративно и аспиративно, што со вистински зборови значи дека формално е сосема кул ако сакате така, но не лежерно (casual)“, стои во писмото испратено од организаторите до присутните. Може да очекуваме да видиме и маски на шоуто, за што Содерберг изјави: „Маските ќе играат многу важна улога во приказната вечерта. Таа тема е многу важна за наративот“. Номинирани за Златната статуетка „Манк“ (Mank), „Земја на номадите“ (Nomadland), „Судскиот процес за Чикаго 7“ (The Trial of the Chicago 7), „Татко“ (The Father), „Јуда и Црниот месија“ (Judas and the Black Messiah), „Минари“ (Minari), „Звукот на металот“ (Sound of Metal) и „Надежна млада жена“ (Promising Young Woman) се насловите кои годинава ќе се натпреваруваат за Оскарот во најзначајната категорија – најдобар филм. Годинава најголема шанса за освојување на Оскарот можеби имаат црно-белата драма „Манк“ во режија на Дејвид Финчер која има десет номинации, но и „Земја на номадите“ на Клое Жао со шест номинации, којшто веќе досега собра повеќе награди, меѓукои и „Златниот глобус“. Клое Жао на „Земја на номадите“ и Емералд Фенел на „Надежна млада жена“ за првпат се најдоа на листата во категоријата најдобра режија како жени авторки. Тие ќе се борат за златната статуетка со Дејвид Финчер за „Манк“, Ли Ајзак Чанг за „Минари“ и Томас Винтерберг за „Уште една тура“. Што се однесува до главните актерските номинации, пак, Чедвик Боузман е постхумно номиниран за Оскар за најдобар актер за неговата последна улога во џез-драмата „Ма Рејни: Мајка на блузот“ (Ma Rainey’s Black Bottom), покрај Ентони Хопкинс („Татко“), Риз Ахмед („Звукот на металот“), Гери Олдман („Манк“) и Стивен Јеун („Минари“). Кај актерките, номинирани за најдобра главна женска улога се: Виола Дејвис („Ма Рејни: Мајка на блузот“), Франсис Мекдорманд („Земја на номадите“), Андра Деј („САД против Били Холидеј“), Венеса Кирби („Делови од жена“) и Кери Малиган („Надежна млада жена“). Во категоријата споредна машка улога, пак, се најдоа имињата на актерите Даниел Калуја и Лакит Стенфилд за „Јуда и Црниот месија“, Лесли Одом Џуниор за „Една ноќ во Мајами…“, Пол Раси за „Звукот на металот“ и Саша Барон Коен за „Судскиот процес за Чикаго 7“. За Оскарот за најдобра споредна женска улога ќе се натпреваруваат Аманда Сејфрид („Манк“), Марија Бакалова („Борат 2“), Оливија Колман („Татко“), Ју-Јунг-Јан („Минари“) и Глен Клоуз („Hillbilly Elegy“), која доби и осма шанса да стигне до својот прв Оскар. Како што е познато, македонските кандидати краткиот „Налепница“ на Георги М. Унковски и „Врба“ на Милчо Манчевски не успеаја да влезат во потесниот избор за номинација за Оскар. (Н.И.Т.)
Comments