top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Објавени резултатите од годишната програма: Стефоска нема да дава трошки, ќе се финансираат само ква

24.02.2021 februari sreda

“Сакам да нагласам, да, мултикултурноста е срцето на нашата земја, но, пред сè, акцентот е ставен врз квалитетот на проектот. Достоинството на граѓанинот е над сè, и пред сè. Никој не смее да има чувство дека проектот му е одобрен како на припадник на одредена етничка заедница, а не како на достоен автор“, изјави меѓудругото министерката Стефоска, која вчера објави дека Годишната програма во културата е “ставена на увид и на судот на јавноста“

“Убедена сум дека во резултатите од програмата, културната јавност ќе го препознае напорот за напуштање на принципот „по малку за сите“ затоа што таквиот „принцип“ ја обесмислува културата и ја убива креативноста… Сакам да нагласам, да, мултикултурноста е срцето на нашата земја, но, пред сè, акцентот е ставен врз квалитетот на проектот. Достоинството на граѓанинот е над сè, и пред сè. Никој не смее да има чувство дека проектот му е одобрен како на припадник на одредена етничка заедница, а не како на достоен автор.

Не сакам и не можам да го сокријам задоволството од бројните проекти во програмата, со интеркултурен карактер. Ме радува и фактот дека се одобрени голем број проекти како поткрепа на заложбата за деметрополизација на културата“, изјави меѓудругото министерката за култура Ирена Стефоска која вчера објави дека резултатите од годишната програма се поставени на увид на јавноста на сајтот на Министерството за култура.

Таа посочи дека годинава резултатите доцнат поради работата на комисиите во ковид услови и намален буџет од 3 милиони евра поради поранешни нерегуларности со кои сега се занимаваат надлежните институции.

“Она што е важно е дека, конечно, се доделени толку средства со колку што располага министерството, односно за првпат не се преземаат обврски, повисоки од буџетските средства. За распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнаа 6.352 апликации, рекорден број. Комисиите во текот на целиот процес на одлучување ги земаа предвид и условите и последиците од светската пандемија. Многу сум разочарана од фактот што дел од апликантите, вклучително и националните установи, побарале непристојно големи суми и второ, што дел од нив побарале средства за проекти кои заради ковид рестрикциите, и кај нас, и во светот не можат да се реализираат“, посочи Стефоска на прес-конференцијата.

Таа истакна и дека голем дел од корисниците се извештиле низ годините како да го “надмудруваат“ конкурсот.

“На разни начини се протнуваат низ „дупките“ во системот: на пример, еднаш се појавуваат како автори, друг пат како уредници, трет пат како консултанти, четврти пат како учесници во манифестација, петти пат како членови на жири-комисии, шести пат во групен проект… едноставно кажано – исти лица си конкурираат самите на себе. Неретки се и оние кои аплицираат и со копи-пејст проекти т.е. со проекти за кои во изминатите години веќе биле поддржани.

И така конкурсот ја изгубил смислата на натпревар“, посочи Стефоска. Таа исто така истакна дека врз комисијата и нејзе лично се вршени притисоци.

“Со притисоците се справувавме со непопустливоста и со моето држење до принципите и критериумите за селекција. На тој начин се справувавме со децениските наследени навики“, додаде Стефоска, која посочи и дека по објавувањето на програмата одговорноста е нејзина.

Критериумите, пак, според кои е вршена селекција според Стефоска се следни:

квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање на креативни млади творци, на ранливи и маргинализирани групи, реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот“. Стефоска додаде дека не може и не смее да се очекува “овој конкурс да ги реши сите, децениски, наталожени проблеми“. Таа апелираше до Собранието што побрзо да го донесе новиот Закон за јавен интерес во културата кој со нетрпение го очекуваат 3.500 културни работници. Роковите за корисниците оваа година, пак, како што посочи, ќе бидат пролонгирани за тие да имаат време да си ги реализираат проектите.

Според Стефоска, која при секое свое излагање ја истакнува потребата од поголема заштита на културното наследство во државата, годинава за првпат за оваа намена се издвоени солидни средства. Од она што може да се види во рамките на годишната програма најмногу средства (5,5 милиони денари) се издвоени за конакот на Лешочкиот манастир, по 3 милиони денари за црквата “Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како и за заштита на “Куќата на Лазар Личеноски“ во Скопје, (2,5 милиони денари) за заштита на објектот Римска бања на локалитетот Плаошник, а по околу 2 милиони денари се издвоени и за црквата “Св. Богородица Заумска“ во Трпејца, Охридско, за сарајот “Нијази бег“ во Ресен, како и за обновување на конаците од манастирот “Трескавец“… (Д.Т.)


1 view

Comments


bottom of page