Објавен јавниот повик за 4. издание на фестивалот на светлината Skopje Light Art District-The Sun
05.04.2021 Maj Sreda
ЈУ Универзална сала со поддршка на Град Скопје објави јавен повик за поднесување апликации за четвртото издание на фестивалот на светлината – Skopje Light Art District (SkLAD). Главната тема на ова издание ќе биде Сонцето како непресушен извор на светлина и бесконечен извор на енергија. Врската помеѓу Сонцето и Земјата го создава и оддржува целокупниот живот на планетата. Уште од самите почетоци на човештвото Сонцето симболизира врховна моќ, знаење, божественост, енергија, сила и повторно раѓање SkLAD е основан во 2018 година со цел да создаде нов културен и социјален настан со фокус на светлосната уметност. Преку минатите изданија во 2018, 2019 и 2020 година, SkLAD успешно го претстави Скопје на мапата на европски фестивали на светлината, презентирајќи светлосни инсталации и уметност во нови медиуми на водечки уметници од светот, преку нивно истакнување на домашната уметничка сцена. SkLAD цели да создаде соработка со други регионални настани и фестивали на светлината со која дополнително ќе се зајакне важноста на Скопје како еден вид нов центар за современата уметност. На конкурсот право на учество можат да земат сите заинтересирани автори кои креираат во сферата на светлосната уметност, светлосните инсталации, видеоарт или го користат светлото како главен израз на визуелно и уметничко изразување. Заинтересираните уметници, покрај официјалната пријава, потребно е до организаторите да достават и наслов, детален опис, скици, концепт на предлог-проектот, проект дизајн, програма со предлог финансиска конструкција за реализација на истата; да наведат локација за која се аплицира; фотографии и/или видео од делата доколку истите биле претходно изложени; потребна опрема за реализација на делото; професионално портфолио и кратка биографија/CV на уметникот/уметничката група. Повеќе информации околу повикот, начините на финансирање и останатите детали поврзани со 4-тото издание на Skopje Light Art District, може да се најдат на официјалната веб-страница на фестивалот.
Comments