top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нова книга од Лилјана Пандева: „Два Божика“ е приказна проткаена со љубов, но и со суровото секојдне

04.01.2021 Јануари Понеделник

„Нема поуниверзална тема од љубовта. Но, во сите мои напишани ‘љубови’ има и нешто повеќе, најчесто историскиот, дијахрониски или синхрониски момент. На некој начин, тие се само една од љубовите во дадениот историски миг. Инаку со ова прашање, всушност се надоврзуваме на претходното, што се однесува до ‘подлогата’ на темата, а тоа е подобра егзистенција, за жал на сметка на иселување на младите од државата, живеење и ‘преживување’ на свои и на туѓи празници далеку од дома“, вели за весникот ВЕЧЕР, Пандева

Во декември од печат излезе најновиот роман од македонската авторка Лилјана Пандева насловен „Два Божика“. Нејзините теми се универзални, но истовремено и секојдневни, љубовни, социјални, европски, но и балкански и наши-македонски… Токму затоа ја запрашавме која е накратко темата на овој нејзин четврти роман.

„Накусо, темата во ‘Два Божика’ е љубовна. Станува збор за љубов меѓу двајца млади што започнува на неовообичаен начин во град во кој и двајцата се странци, во центарот на сите збиднувања во Европа, Брисел. Тој е Англичанец, таа е Македонка. Тој работи за својата земја, нејзината мисија е поширока, работи на интер и интракултурата во светот. Се запознаваат во најубавиот период во годината, предбожикниот. И, секако, не успеваат да ѝ одолеат на божикната магија. Но нема да откриваме повеќе за приказната. Се надевам дека ова е доволно да ги заинтригира читателите“, вели за весникот ВЕЧЕР Пандева.

Сè е поубаво во пар…

Таа во својата книга ќе истакне „Во животот и во светот сè е поубаво во пар…“. А токму љубовта е основниот мотив во повеќето нејзини романи, иако оваа книга всушност има и една подлабока порака…

„Љубовта е матрицата на сите мои книги. Но, на пример, ‘Доилката’ воопшто не беше замислен како љубовен роман. Историската личност Пребонд беше во преден план. А потоа нештата тргнаа во друг правец, што, всушност, само е трасиран од љубовта меѓу големиот воин и едноставна жена. Без оглед на приказната, крунската љубов во овој роман е онаа безусловната, мајчинската. ‘Дневници на една љубов’, се всушност и дневници на едно време, испишани од НЕА и НЕГО, време во кое за да се преживее потребна е само вистинска љубов. ‘Два Божика’, всушност и не е мој жанр на пишување. Но, ете, можеби и јас понесена од еуфоријата, кај нас повеќе новогодишна од божикна, ѝ подлегнав на желбата и ние да имаме љубовна приказна во божикен дух. Можеби навидум навистина е само љубовна приказна, но таа е проткаена со затскриени, наметнати од суровото секојдневие моменти“, вели за својата најнова книга Пандева .

Таа ја истакнува пораката на овој роман- дека кога е во прашање егзистенцијата, човек е принуден, против својата волја, да прави и нешта што се можеби за осуда, за притоа да додаде: „За среќа, нашиот женски лик повеќе го чуди својот партнер од што тој осудува една нејзина постапка, и притоа го освестува за не така идеалните услови за живот во Европа“.

Повеќето од нејзините книги се преведени и на други јазици, па и темите се често универзални. Во случајот на најновата книга има елементи кои го истакнуваат националното, притоа давајќи ја сликата и на оние позитивни, но и на негативните страни од секојдневието…

„Нема поуниверзална тема од љубовта. Но, како што веќе реков, во сите мои напишани ‘љубови’ има и нешто повеќе, најчесто историскиот, дијахрониски или синхрониски момент. На некој начин, тие се само една од љубовите во дадениот историски миг. Инаку со ова прашање, всушност се надоврзуваме на претходното, што се однесува до ‘подлогата’“ на темата, а тоа е подобра егзистенција, за жал на сметка на иселување на младите од државата, живеење и ‘преживување’ на свои и на туѓи празници далеку од дома“, вели Пандева.

Семејството наспроти секојдневната трка за егзистенција

Во целата нејзина книга на суптилен начин таа ги поистоветува вредностите кои се примарни насекаде во светот. Во случајот семејството, наспроти секојдневната трка за егзистенција, е светлината која ги води луѓето низ животот независно од кој крај на светот потекнуваат…

„Токму така, љубовта е уште поголема ако имаш со кого да ја споделиш, иако нашиот главен женски лик во ‘Два Божика’ малку себично ја чува за себе од своите другарки, а на своите родители ќе мора да им ја открие откако ќе почнат да се случуваат невообичани, но толку познати работи за време на божикните и новогодишните празници. Во ‘Два Божика’“ имаме два Божика, во две семејства, на два различни краја од Европа. Различен е начинот на прославувањето, но целта е иста: каде и да си за Божик дома да си“, објаснува Пандева.

Она по што е карактеристичен нејзиниот роман, како впрочем и повеќето претходни, е романса, хумор, но и горчлива вистина…

„Два Божика“ е уште едно дело што ветува уживање во читањето, напишано во препознатливиот стил на Лилјана Пандева. Токму затоа ја запрашавме и што следно може да очекуваме од нејзиното писателско перо.

„Читателите бараат продолжение на доживелиците и на преживелиците на главните ликови од ‘Два Божика’. Можеби во догледно време повторно ќе се сретнам со нив. Во меѓувреме една збирка раскази е подготвена за печат, и работам на друга”, вели авторката.

Но, Пандева е и поет и прозаист, па затоа ја запрашавме и каде се пронаоѓа најмногу. „Токму во расказите. Во кратките раскази“, децидна е Пандева. Додава дека е предизвик на само неколку страници да се раскаже приказна со почеток, средина и крај.

„Пишувањето како вештина, барем во прозата, најмногу доаѓа до израз во краткиот расказ. Се стремам кон нејзиниот врв“, вели Пандева. (Д.Т.)


3 views

Comments


bottom of page