Најквалитетното од светот на цртежот – на Остен биеналето во Мала станица
23.02.2021 februari vtornik
„Во рамките на завршната свеченост, на 18 март, ќе биде промовиран и каталогот на Биеналето на цртеж, а ќе биде промовиран и „Остен арт фестивал“. Тоа е нова активност која „Остен“ ја организира од оваа година, првпат, а се однесува на посебна програма за престој на уметници кои ги каниме да дојдат тука во Македонија, во Скопје. Инаку, особено сме отворени за младите, затоа што тие се оние кои сега градат кариера. Исто така, нашата мисија е да го пренесеме знаењето на веќе етаблираните уметници на младите и во тој правец и работиме“, вели за весникот ВЕЧЕР, Корнелија Конеска, извршен директор на „Остен“
Делата на 75 финалисти, уметници од цел свет, деновиве можат да се видат во галеријата Мала станица во Скопје во рамките на Остен биеналето на цртеж Скопје 2020. Пред публиката се претставени и цртежи на наградените уметници, додека имињата на финалистите кои ќе бидат наградени од страна на меѓународното жири КатринБекер, Германија (уметнички директор на Центарот за современа уметност „Киндл“, Берлин), ЛарсКурулфМилер, Данска (директор на музејот „Борнхолмс“) и Жолт Петрани, Унгарија, (раководител на одделот за современа уметност во Националната галерија на Унгарија во Будимпешта), ќе бидат објавени на 18 март, кога наградите ќе бидат доделени на присутните уметници. До овој датум ќе биде и отворена изложбата за посетители.
Големиот интерес за учество на оваа изложба во светски рамки зборува и фактот што годинава на Биеналето учествуваа 260 уметници од 44 земји со 819 дела! Од нив, од страна на селекторот на Биеналето, Емил Алексиев, Северна Македонија, во потесен избор влегоа 135 уметници, а од нив 75 беа избрани за финалисти.
„Минатата година во Чифте амам беа поставени сите селектирани дела, додека на изложбата во Мала станица се наградените и финалистите или околу 130 дела. Има и посебен оддел со дела на грчки автори (54 уметници), бидејќи Грција како земја е добитник на Остен наградата за национално претставување. Сите овие уметници претставени на изложбата се исклучително квалитетни, а некои од нив заземаат видно место во современата уметност во светот“, посочува Корнелија Конеска, извршен директор на „Остен“ за весникот ВЕЧЕР.
Таа посочува дека од големо значење се и наградите кои се доделени во рамките на Биеналето.
Така, наградите за кои одлучува советот на амбасадори на Остен се Гран-при за животно остварување кои годинава ги добија Емилија и Илја Кабакови од Русија, додека добитниците на наградата за извонредни уметнички остварувања сe
ЈоргосКсенос (Грција) и Таки Павловски (СМакедонија). Исто така значајни се и наградите доделени во соработка на Светската асоцијација за визуелни уметности): Награда „Уметник на светот“ за Ецио Грибалдо (Италија) и Наградата „Рембрант“ за извонредност во уметноста која ја доби Мицко Мице Јанкуловски (С. Македонија).
„Во рамките на завршната свеченост, на 18 март, ќе биде промовиран и каталогот на Биеналето на цртеж, а ќе биде промовиран и „Остен арт фестивал“. Тоа е нова активност која Остен ја организира од оваа година , за првпат, а се однесува на посебна програма за престој на уметници каде што ги каниме да дојдат тука во Македонија, во Скопје. Инаку, особено сме отворени за младите, затоа што тие се оние кои сега градат кариера. Исто така, нашата мисија е да го пренесеме знаењето на веќе етаблираните уметници на младите и во тој правец и работиме“, додава Конеска. (Д.Т.) Фото:П.Стојановски
www.vecer.press
Comments