top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Награда за најубава маска – штека „марлборо“ и шише „балантајн“

Маскенбалите во Скопје низ годините

Денеска, кога се одбележува Први април, Светскиот ден на хуморот и сатирата, ќе се потсетиме како скопјани го одбележуваа овој ден низ годините. Се разбира, дел од прославата секогаш биле маскенбалите, ведриот дух и досетките. Бидејќи, еве, веќе втора година, поради пандемијата на коронавирусот нема масовни собирања на први април и прослави со маскирање, поразговаравме со тројца познати скопјани за нивните сеќавања поврзани со организирањето маскенбали во нашиот град. Уште во хрониките на писателот Данило Коцевски за Скопје е забележано дека во Офицерскиот дом, изграден уште во 1929 година, биле организирани најубавите и најпосетените приредби, маскенбали, забави и балови, под светлото на блескавите кристални лустери, подарок од српскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ. Во Офицерскиот дом свирел воен оркестар, но имало и првокласна џез-музика и модерни танци. Организатори на забавите, баловите и на маскенбалите биле разни културни, уметнички и спортски здруженија. Од ваквите настани особено се издвојува маскенбалот „Ноќ во Мароко“, кој во 1930 г. бил организиран од страна на друштвото на пријателите на уметноста „Јефимија“. Во катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Офицерскиот дом бил оштетен, а по една година и урнат, со одлука на тогашната влада. Наскоро негова реплика ќе потсетува на славното минато.

По војната, во 1950-тите и 1960-тите години, според првиот македонски диџеј и познат радиоводител Михаил Бошковски-Мице, децата и младите се маскирале на празникот Прочка. – Како дете, паметам дека помладите се маскираа за Прочка, задолжително следуваше фотографирање, а потоа сите масовно одевме на Кале, со родителите, каде што имаше многу песни и игри. Моите постари сестри ја облекуваа облеката на баба ми, всушност секој се снаоѓаше да изгледа што пооригинално. Така беше сѐ до земјотресот, кога овој обичај, за жал, згасна во Скопје – се сеќава Михаил Бошковски. Тој додаде дека на први април со другарите правеле разни шеги, за да ги надитрат возрасните и да им кажат гласно априли-ли-ли. Подоцна, кога почнал да работи како диџеј, најпрво во дискотеката „Технометал“, а потоа и во култната „Мусандра“, сеќавајќи се на маскенбалите во 1980-тите, Мице ни рече дека, немало организирани забави во „Мусандра“ на тој ден, за разлика од другите скопски дискотеки, иако на први април имало маскирани гости, кои уште повеќе го зголемувале расположението на подиумот за танцување.

Реџо Балиќ, наш познат радио и телевизиски водител, ни раскажа случка кога во далечната 1976 година, како осумнаесетгодишник, заедно со своите другари победил на маскенбал, кој се одржал во ресторанот „Скала“, во комплексот „Олимписко село“ (над хотелот „Панорама“), кој пред десетина години беше урнат. – Никогаш нема да го заборавам тој први април кога како Дон Реџо Корлеоне, заедно со свитата, прошетав низ центарот на Скопје, облечен во костум со риги, „шими“ чевли и гангстерски шешир, со цигара во устата. Се сеќавам на секој детаљ, како да беше вчера. Уште кога дознавме дека групата „Пу“ ќе организира маскенбал тој први април, јас и другар ми Зоран Христов-Труба го направивме „сценариото“. Па, така, тој ја доби улогата на „сопругата“ на Дон Реџо. За да биде поубедлив како женско, го позајми горниот дел од костимот за капење на мајка му, тука беа и периката и најлон-чорапите со подврски, а наместо чевли со штикли, имаше обуено каубојки. Имав и двајца телохранители, високи по два метри. Тоа беа Васко и Ујкан Радончиќ, вујко му на рокерот Бени Шаќири, кои исто така носеа темни костуми.

Имавме и палјачо, кој трчаше пред нас и божем свиреше на виолина. Оваа улога маестрално ја одигра Иван Стојановски-Буљ, кој сега живее со семејството во Шведска. Цела екипа, откако се подготвивме во куќата на Гоце Манкис, кај Црвен крст, се упативме пеш до „Ванила“ и, се разбира, сите се вртеа по нас, некои се смееја, нѐ фотографираа, а други одмавнуваа со раката. Кај стоковната куќа фативме такси и право кон „Скала“ – ни раскажа Реџо Балиќ. Кога стигнале на паркингот, според договорот со Гранит Таки, лидерот на групата „Пу“, му јавиле дека се пред вратата, за да ја запре музиката и да ги најави. – Се сеќавам имаше сигурно 400 гости, а околу 80 отсто беа маскирани. И одеднаш престана музиката и се слушна: „А сега, драги гости, да ги поздравиме Дон Реџо Корлеоне и неговата свита“. Се разбира, нѐ чекаше маса, а кога се појавивме, на сите им беше јасно дека ние ќе го освоиме првото место за најдобра групна маска. Наградата беше штека „марлборо“ и шише „балантајн“. Мислам дека таква журка во Скопје немало ни пред ни потоа. А задоволството беше уште поголемо кога утредента во весникот „Нова Македонија“ имаше цела репортажа за нас, со неколку убави фотографии – вели Реџо Балиќ.

Тој и во 1987 година учествувал во маскенбал што се одржал во клубот „Метропол“. Тогаш бил шеик со харем, во што му помогнале неколку убави девојки. Милорад Цаиќ-Цајо, познатиот менаџер и организатор на ноќниот живот во Скопје во 1990-тите години, исто така се потсети на првоаприлските маскенбали во нашиот град. – Првите поголеми маскенбали почнаа да се одржуваат во 1986 година. На први април во целиот град имаше журки – во дискотеките МНТ, „Хардрок“, „Мусандра“, „Огниште“, „Таверна“…, а музика пуштаа диџеите Сашо, Боби, Бабура, Томче, Ицко, Баџо, кои правеа извонредни забави. Секако, сите најпрво шетаа низ плоштадот така маскирани и се фотографираа. Незаборавни се маскенбалите од 1995 до 2005 година, кога Скопје личеше на карневалите во Струмица или во Вевчани. За најдобрите маски имаше и награди, најчесто туристички патувања и викенди во Македонија. И јас се маскирав, па, така, еднаш бев Роналд Реган, другпат Елтон Џон, па хокеар… За мене најинтересна маска беше кога се преправив во познатиот стрип-детектив Рип Криби – ни раскажа Цајо. Тој дополни дека на почетокот владеела вистинска еуфорија, па речиси и немало некој што не е маскиран. – За жал, тој ведар дух на нашиот град веќе се губи, не само поради актуелната пандемија. Сите како да се отуѓивме и се повлековме во себе и токму затоа јас и во иднина со моите ретрозабави ќе ги потсетувам оние што се чувствуваат младо дека за да ни биде убаво, треба и самите да се потрудиме- ни рече Цајо.




4 views

Comments


bottom of page