top of page

На локалитетот Стоби тестирана нова мобилна апликација за самостојно истражување и забава

„Во Стоби се одржа работилница во склоп на проектот Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans првично со цел тестирање на првата верзија на новото дигитално искуство за презентација на богатите содржини кои ги нуди Стоби. Се работи за мобилна апликација – гејмифициран водич низ селектирани содржини на локалитетот. На работилницата учествуваа предавачи од Македонија, Грција и Словенија, а претставени беа примери на слични содржини каде што учесниците се запознаа со можностите и искуствата од веќе изработени слични апликации на локалитети низ Европа и светот“, вели Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“

На најголемиот македонски археолошки локалитет НУ „Стоби“, вработените како и учесниците на првата теренската школа од Европа, која се одржа на почетокот на месецот, беа првите корисници кои ја тестираа новата мобилна апликација Immersium. Оваа апликација претставува дигитална алатка за самостојно истражување и забава на посетителите. Како што велат организаторите на теренската школа, мобилната апликација користи игри, интерактивен наратив, аугментирана реалност и мултимедијални содржини и ги води посетителите низ незаборавно културно доживување. Апликацијата од оваа есен ќе биде достапна за три археолошки локалитети: „Стоби“ (Северна Македонија), „Емона“ (Словенија) и „Виминациум“ (Србија). Инаку, програмата „IMMERSIUM Heritage Field Schools“ се организира во рамки на проектот „Соработка за имерзивно раскажување за десиминација и промоција на културното наследство на Западен Балкан”, поддржан од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“.

„Во Стоби се одржа работилница во склоп на проектот Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans. Работилницата се одржа првично со цел тестирање на првата верзија на новото дигитално искуство за презентација на богатите содржини кои ги нуди Стоби, во форма на мобилна апликација – гејмифициран водич низ селектирани содржини на локалитетот. На работилницата учествуваа предавачи од Македонија, Грција и Словенија, а претставени беа примери на слични содржини каде што учесниците се запознаа со можностите и искуствата од веќе изработени слични апликации на локалитети низ Европа и светот. На работилницата учествуваа професионалци од Словенија, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Норвешка. Учесниците детално се запознаа со дигиталните, физичките и комерцијалните капацитети на Стоби. Тие учествуваа и во изработка на нови содржини за дигитална презентација на содржините на локалитетот, кои ќе бидат земени предвид во изработка на проекти за промоција на Стоби во иднина. Финалниот продукт во форма на мобилна апликација за дигитална презентација на Стоби се очекува кон крајот на 2022 или почетокот на 2023 година. Одговорен за овој проект од страна на НУ Стоби е Димитар Николовски, археолог вработен во Стоби“, вели за весникот ВЕЧЕР, Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“. Тој исто така додава дека посетеноста на Стоби од страна на туристи оваа година е подобра од претходните две, но полоша од 2018 година, кога во Стоби имало околу 22.000 туристи.

Од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 информираат дека на првата теренска школа на археолошкиот локалитет „Стоби“, претставници на културниот и креативниот сектор, од повеќе земји од регионот и Европа учеа, разменуваа искуства и работеа на развој на дигитални алатки кои користат нови технологии во промоцијата и дисеминацијата на културното наследство.

Еднонеделната програма, која се одржа на почетокот на овој месец, вклучуваше предавања, работилници, практични искуства од регионот, културни посети и хакатон за развој на имерзивни културни искуства. Претставници од културниот и креативниот сектор од земјава, Словенија и Грција преку своите презентации ги воведуваа учесниците во примената на новите технологии, како виртуелна и аугментирана реалност, гемификација и интерактивни содржини во развојот на нови имерзивни културни доживувања на археолошките и културните локалитети.

Учесниците имаа можност да се запознаат со локалитетот „Стоби“ и преку предавања на археолозите и преку користење на двете дигитални алатки кои се веќе достапни за посетителите: првата VR апликација (апликација за виртуелна реалност) „Гладијаторите се враќаат во Стоби“ и новиот „Аудио и QR водич“.

Со првата VR апликација на посетителите им се нуди можност да присуствуваат на виртуелна гладијаторска борба во 2. век од нашата ера. Во соработка со софтверска компанија G6 Solutions од Скопје, НУ Стоби го изработија и првиот аудио водич за археолошки локалитет во Република Македонија.

Од НУ Стоби посочуваат дека овој аудио водич ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин.

„Археолошкиот локалитет Стоби е една од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија, a посетителите, освен туристички водич кој е на располагање за посетителите на локалитетот, може да користaт и и мобилна апликација Stobi audio guide, која е достапна за Андроид и IOS оперативни системи, на македонски и англиски јазик. Апликацијата ги содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап“, информираат од НУ Стоби.

Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 во соработка со Балканската фондација за наследство (Balkan Heritage Foundation) организира теренски школи и на два археолошки локалитети во регионот, во „Емона“, Словенија (од 20 до 26 септември) и „Виминациум“, Србија (од 27 септември до 3 октомври). (Д.Т.)




 
 
 

Comments


bottom of page