top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Музејот на Народната банка со низа активности по повод Меѓународниот ден на музеите

Музејот на Народната банка, со низа активности коишто ќе траат во текот на целата недела ќе го одбележи Меѓународниот ден на музеите – 18 мај.

Во соработка со основните училишта во општина Центар, Музејот на Народната банка организира е-презентации за учениците од 3. до 9. одделение, коишто започнаа вчера, а ќе траат во текот на целата работна недела.

Во текот на интерактивните презентации на кустосите и конзерваторите од Музејот на Банката, учениците ќе имаат можност да се стекнат со нови знаења за долгата историско-еволутивна патека на парите како едно од најважните технолошки откритија на човекот и посебно, за нивните карактеристични особености, својствени за овдешната македонска територија. Едновремено, дополнителната виртуелна прошетка ќе им открие и дел од нумизматичкото богатство изложено во постојаната музејска поставка, но ќе им овозможи да дознаат и за начините на кои специјализираната конзерваторска лабораторија се грижи за неговата физичко-хемиска заштита и зачувување.

Покрај ова, во овие години на предизвици за културата и човековото делување во сферата на чувањето и промовирањето на културното наследство, Музејот на НБ, во рамките на одбележувањето на Денот на музеите, изработи шест кратки едукативни видеоматеријали за најексклузивните и најзначајните парични изданија коишто биле произведувани на територијата на современата македонска држава, почнувајќи од 6. век пр. н. е., па сѐ до отоманскиот период и се дел од Нумизматичката збирка на Народната банка.

Секоја видеобелешка ѝ е посветена на засебна монетоковачка активност во одделен историски период, претставувајќи единствена наративна серија којашто говори за паричната продукција на пајонските племиња, на пајонските кралеви, на македонскиот град Лихнид, на римскиот град Стоби, на средновековниот крал Волкашин и крале Марко и на отоманските ковници во Скопје, Кратово и Охрид.

Видеобелешките се достапни на веб-страницата на Народната банка, а во текот на оваа недела ќе бидат објавени и на официјалните страници на социјалните мрежи.

Преку ваквите форми на музејска едукација, Народната банка и натаму ги промовира своите заложби за зачувување на културното наследство, но и за одржување на јавната меморија за универзалната вредност на минатите цивилизациски достигнувања како фундаментален човеков принцип за постигнување сегашна општествена стабилност и иден технолошки напредок.


1 view

Comments


bottom of page