Младите писателки имаат значајна улога во „Новата македонска книжевна пролет“, трибина за (женскиот)
Младите писателки имаат значајна улога во „Новата македонска книжевна пролет“, трибина за (женскиот) прозен книжевен бран„Сметам дека темата на трибината е исклучително важна за повторно да ги предизвикаме сите дилеми околу тоа дали каноните се (сè уште) доминантно машки, колку се присутни жените во канонот на македонската литература (истории, антологии, книжевни награди, учебници, лектири итн.), колку во последниве години се смени (не)видливоста на писателките во јавноста, дали постојат сè уште нееднакви можности и можни предрасуди при нивно валоризирање и наградување“, рече проф. д-р Ана Мартиноска на трибината, која во организација на Центарот за култура и културолошки студии, се одржа на Институтот за македонска литература
Кои се писателките кои го најавија, го означија новиот женски прозен бран во македонската литература, каква е сликата на урбано Скопје во делата на македонските писателки, каква е културата на градското живеење во нивните дела, на кој начин патријархатот е застапен во нивното творештво, дали неговите денови се одбројани или, пак, сè уште е присутен во општествените практики. Ова беа само дел од прашањата и темите кои се дискутираа на трибината насловена „Новиот прозен (женски) книжевен бран: жената и градот“, која во организација на Центарот за култура и културолошки студии се одржа вчера на Институтот за македонска литература.
Како вовед во дискусијата, свое излагање имаше проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, која се осврна на книжевните процеси и младите македонски авторки.
„Како и да се мисли, колку и да се различни ставовите, на македонската книжевна сцена се случува едно ново време, или како што во антологијата на најмладата македонска поезија и проза ‘Ветрот носи убаво време’ ќе констатираат приредувачите Весна Мојсова-Чипишевска и Иван Антовски (2012) се ‘најавува нова македонска книжевна пролет’. За таа нова книжевна пролет, во голема мера придонесува и видливоста на македонските млади писателки, како со естетските квалитети кои ги носат, така и со популарноста која ја стекнуваат“, посочи Георгиевска-Јаковлева.
За жените, канонот и што се смени со доаѓањето на сцена на (по)младата генерација писателки, пак, зборуваше проф. д-р Ана Мартиноска. „Сметам дека темата на трибината е исклучително важна за повторно да ги предизвикаме сите дилеми околу тоа дали каноните се (сè уште) доминантно машки, колку се присутни жените во канонот на македонската литература (истории, антологии, книжевни награди, учебници, лектири итн.), колку во последниве години се смени (не)видливоста на писателките во јавноста, дали постојат сè уште нееднакви можности и можни предрасуди при нивно валоризирање и наградување, каква промена се случува со појавата на новата генерација на писателки и истражувачки феминистки и постфеминистки, но да прозборуваме и за женските теми и сензибилитети, за авторките Лидија Димковска, Елизабета Баковска, Румена Бужаровска, Фросина Пармаковска, Калина Малеска, Николина Андова Шопова, Снежана Младеновска Анѓелков, Ана Јовковска, Симона Јованоска…“, посочи Мартиноска.
Како што истакна таа, последниве неколку години македонската проза и тоа како се промени, со стапнување на сцена на една цела генерација авторки. „Тие, кои како што тврдат нивните читатели, ‘звучат светски’, обработуваат современи теми (независно дали од женска перспектива или не), привлекуваат бројна публика и дома и надвор, често се и самите упатени во книжевната историја и теорија, но и во феминистичките струења, па како што ќе истакне Лидија Капушевска-Дракулевска, веројатно денес ‘генерацијата млади прозаисти е помоќна на книжевната сцена отколку поетската генерација?!’“, додаде Мартиноска.
Трибината продолжи со осврт на „Резервен живот“ на Лидија Димковска, кој го даде проф. д-р Наташа Аврамовска, а која ги анализираше ликовите во овој роман прикажани во населбите Маџир Маало и Кисела Вода. Со излагањето „Одбројување на патријархатот“ се претстави и проф. д-р Мишел Павловски, а преку „Оргазмични писма“ на Ирена Цветковиќ, д-р Емил Ниами зборуваше за скопско раскажување или скопски раскажувалки.
Искажување на трибината имаа и добитничките на наградата „Роман на годината“, Фросина Пармаковска и Симона Јованоска, како и Билјана Рајчинова и Ана Јовковска. Преку воспоставен линк на платформата „Зум“ на трибината се вклучија и заинтересираните кои не се во Македонија, меѓу кои и писателката Димковска.
Една од темите за кои се разви дискусија, а која ја иницираше Георгиевска-Јаковлева, беше за авторките кои во еден дијахрониски след прават промени во книжевниот живот во Македонија. Стана збор за Оливера Николова, која во 1963 година го креира првиот урбан лик Зоки Поки, но и неговата верна придружничка Лидија. Притоа се постави прашањето како и кога од позиција на придружничка на големата машка литература, авторката стана видлива за пошироката јавност? Се констатира дека тоа се случува и со појавата на творештвото на Јадранка Владова и Оливера Ќорвезироска, се интензивира со романот „Скриена камера“ на Лидија Димковска, а станува хит со „Мојот маж“ на Румена Бужаровска. Секако, се споменуваа и други имиња кои придонесоа за тоа книжевната женска сцена да се доживее како урбана. Се истакна дека во делата на авторките, Скопје најчесто е амбиентот во кој се трага по личните идентитети, но некогаш (како кај Оливера Ќорвезироска и „Улиците што ги нема“) станува и главен лик. Димковска и Црвенковска (со „Девет приказни за госпоѓица Сит“), пак, даваат можност Скопје да се види во корелација со другите европски метрополи.
На трибината, учесниците се осврнаа и на терминот „женско писмо“ за кој се констатираше дека е проблематичен и дискриминаторски, потоа за наградите за проза „Роман на годината“, „Стале Попов“ и меѓународната „Балканика“ за што се истакна дека на добитниците им даваат поголема видливост, но и за преводите кои ја популаризираат македонската книжевност, надвор од границите на Македонија. Една од темите беа и изразните, јазични средства на младите македонски писателки, како и нивните тематски преокупации како потрагата по индивидуалниот идентитет во големиот Град. Се констатира дека ако за Ќорвезироска и Владова доминанта беше јазичната игра, за нивните следбенички тоа е иронијата и гротеската. „Станува збор за реалистичен јазик за кој сè уште нема термин, но предлогот на Симона Груевска-Маџоска за овој стил на пишување е да се именува како ‘брутален реализам’ што за учесниците на трибината се чини прифатлив“, посочи Георгиевска-Јаковлева. Стана збор и за релацијата елитно-популарно, маркетиншките стратегии, како и културните политики.
Трибината се реализираше во рамки на манифестацијата Креативни точки 2022 и беше поддржана од Град Скопје. (Н.И.Т.)
Comentários