Мира Фурлан и Љупчо Тодоровски-Упа беа дел од сонот на првото издание на „Киненова“
01.02.2021 januari ponedelnik
Познатата актерка од екс Ју-просторот, Мира Фурлан, беше добитник на првата награда за особен придонес во филмската уметност на првото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ во Скопје, во 2016, a актерот Љупчо Тодоровски-Упа, првиот уметнички директор на овој фестивал истата година. Од тимот на „Киненова“се потсетија на двајцата филмски уметници кои неодамна прерано нè напуштија, оставајќи зад себе богато филмско творештво.
„Сите кои биле во каква било директна комуникација со Мира Фурлан знаат дека ја допреле вечноста и биле блиску или во допир со еден непресушен извор на животна енергија. А емотивноста и широчината на нејзиниот дух и личност можев најнепосредно да ја видам и почувствувам кога во текот на проекцијата на документарниот филм „Дубине 2“, во студеното кино „Култура“, една ладна октомвриска вечер, Мира, преладена од студот, а преплавена од емоции, плачеше во текот на филмот и во текот на целата вечер која ја поминавме заедно. Тогаш разбрав дека не само што тоа не беше обичен човек туку Мира беше возвишена енергија која светот го чувствува толку интензивно во секој проживеан здив, што ретко кој може да ја разбере во времето во кое што живее. Сепак беше силна, исправена, за животот самоуверена, секогаш подготвена за одговор, да продолжи понатаму, се сеќава директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.
Иванка Апостоловска, тогашната членка на управниот одбор на “Киненова“, за првпат го запознала Упа 2016 на првите состаноци на екипата на овој филмски фестивал.
“За македонски услови на мнозинство на инхибирани и не автентични луѓе од светот на културата и уметноста – Упа ми остави силен впечаток на исклучително позитивен човек, раскошно шармантен лик со отворен однос кон животот, одличен актер, извонреден сензибилитет кој умее да процени капацитети и дух на вредност кај луѓето со кои се запознава и комуницира/соработува, да покаже љубопитност и да сподели соодветни а не усилени контекстуални коментари и мислење“, се сеќава Апостоловска.
Comments