Милевски: Групата е исклучително тешка, но ние сме навикнати да одиме по потешкиот пат
28.01.2021 januari cetvrtok
Македонската репрезентација до 21 година денеска ги доби ривалите за квалификацискиот циклус за Европското првенство кое во 2023 година ќе се одигра во Романија и Грузија.
Ние се најдовме во групата Х, а тоа ни носи пресметки со Франција, Србија, Украина, Фарски Острови и Ерменија. Селекторот Благоја Милевски е свесен дека пред нас се големи, тешки предизвици, но е убеден дека неговите избраници ќе го дадат максимумот против секој противник.
-Групата е исклучително тешка. Франција е топ фаворит, Србија и Украина отсекогаш имале одлични млади фудбалери и секако ќе се борат за висок пласман. Фарски Острови е репрезентација во подем, тоа го потврдија во претходните квалификации во кои славеа против Црна Гора, Израел и Казахстан. Ерменија е исто така незгоден противник“.
-Едноставно, нема лесен противник, но ние сме навикнати да одиме по потешкиот пат. Со сите репрезентации во групата имаме меѓусебни натпревари, но ова се нови генерации и нови фудбалери“.
-Би било добро квалификациите да ги започнеме од септември, од причина што немаме ниту еден собир со новата генерација. Распоредот ќе го решаваме заеднички, но би сакал да одработиме барем два собири со неколку контролни натпревари пред официјално да го започнеме новиот квалификациски циклус, -вели Милевски.
Comments