Металург ќе ја заокружи европската сезона со мечот дома со Адемар
25.02.2021 februari cetvrtok
РАКОМЕТ
Со поразот во претпоследното коло од групната фаза во Лигата на Европа (ЛЕ) на гости кај австрискиот првак Фиверс (45-30), ракометарите на Металург ги загубија шансите за пласман во осминафиналето. Домаќините уште од самиот почеток на натпреварот покажаа иницијатива во нападот и борбеност во одбраната, по која уште во првите минути добија исклучувања. – Знаевме дека нема да биде лесно во овој натпревар, со оглед на тоа што веќе еден месец сме со преполовен тим. Се подготвувавме за овој меч, но не одговоривме според договореното, не бевме агресивни во одбраната, не ја запревме нивната транзиција, со која постигнаа повеќе од половина од погодоците. Конечниот резултат не е изненадување, со оглед на нашата слаба игра во одбрана.
Секој меч мора да се игра максимално, без концентрација во нападот, без агресивност во одбрана, ништо не се постигнува. Мора да ги подобриме тие сегменти во играта доколку сакаме добри резултати во плејофот на домашното првенство – изјави капитенот на Металург, Даниел Дупјачанец. Левото крило Милан Поповиќ со 11 гола беше најефикасен во составот на Металург, а на голот 15 интервенции имаше Дупјачанец. И овој пат Металург настапи во преполовен состав со 13 ракометари. Во последното 10-то коло од групната фаза, Металург на домашен терен (2 март 18.45 ч.) треба да го пречека шпанскиот вицепрвак Адемар Леон, Металурзите денеска од 18.30 часот ќе му гостуваат на Куманово во елиминациските дуели од Купот на Македонија. Почетокот на плејофот во домашното првенство е предвиден за 6 март.
Comments