Македонските филмови „Врба“ и “Налепница“ без номинација за Оскар
12.02.2021 februari petok
Македонските филмови годинава останаа со куси ракави во трка за најпрестижната филмска статуетка. Ниту долгометражниот филм „Врба“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски, ниту пак краткометражниот “Налепница“ на Георги Унковски не влегоа во потесен избор за номинација за Оскар. Американската филмска академија деновиве ја објави листата, додека конечните номинации ќе бидат познати на 15 март. Од 93 номинирани долгометражни филмови од неанглиско подрачје, меѓу кои беше и македонскиот „Врба“, Академијата избра 15 филма кои понатаму остануваат во трка за престижната филмска награда. Тоа се филмовите „Quo vadis, Aida” (Босна и Херцеговина), “The Mole Agent“ (Чиле), “Charlatan“ (Чешка), „Another Round“ (Данска), „Two of Us“ (Франција), „La Llorina“ (Гватемала), „Better Days“ (Хонг Конг), „Sun Children“ (Иран), „Night of the Kings“ (Брегот на слоновата коска), „I’m No Longer Here“ (Мексико), „Hope“ (Норвешка), „Collective“ (Романија), „Dear Comrades!“ (Русија), „A Sun“ (Тајван) и „The Man Who Sold His Skin“ (Тунис). Краткометражниот „Налепница“, кој во септември победи на фестивалот „Ин д палас” во Софија, Бугарија, и на тој начин се квалификуваше во трка за номинација, исто така не е во потесниот избор. Минатата година Македонија на престижниот фестивал имаше успех со документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов. За првпат во историјата на Оскарите тој беше номиниран и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм. Годинава церемонијата за доделување на Оскарите ќе се случи на 25 април во Лос Анџелес.
Comments