top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонскиот Балет не застанува… – „Балетски бисери“ во пандемијата се доказ

28.01.2021 januari cetvrtok

„Соработката со и меѓу балетските уметници е одлична. Сите знаат дека мора да се опстане и да издржиме и во овие услови кога не можеме да имаме една „нормална“ претстава. Во рамките на „Балетски бисери“ публиката ќе ги види едни од најубавите парчиња на класичното балетско наследство. Концертот е конципиран така што балетските уметници играат во помал состав, да нема допирање и на одалеченост, согласно со ситуацијата во која се наоѓаме“, вели за весникот ВЕЧЕР, Олга Панго, уметничкиот директор на Балетот, која најави и други балетски концерти во наредниот период

Пандемијата, неможноста за изведба на балетските претстави во целост и тешкото функционирање на сцена со маски поради физичкиот напор што го имаат балетските уметници, очигледно не претставуваше пречка за Македонскиот Балет да подготви нов балетски концерт. „Балетските бисери“ ќе бидат изведени утревечер (29 јануари) во 20 ч. на сцената на Националната опера и балет, а публиката во час и половина ќе има можност да ужива во најубавите парчиња од класичниот балет. За самиот концерт, подготовките и начинот на работа во овие пандемиски услови, зборувавме со Олга Панго, уметничкиот директор на Балетот.

„Во рамките на ‘Балетски бисери’ публиката ќе ги види едни од најубавите парчиња на класичното балетско наследство. Концертот е конципиран така да балетските уметници играат во помал состав, да нема допирање и на одалеченост, согласно со ситуацијата во која се наоѓаме. Се играат делови каде нема дуетен танц, иако балетот се заснова на танц во кој се игра во двојки. Во рамките на овој балетски концерт ќе биде изведено ремек-делото на балетската класика „Падекатр“, на музика на Пони, а во кореографија на Антон Долин. Тоа е еден класичен бисер кој го играат во сите големи театри“, вели за весникот ВЕЧЕР директорката Панго, која ја открива и останатата содржина.

Публиката ќе има можност да види и едно парче од балетот „Силфида“ на Август Бурнонвил, варијација од балетската претстава “Бајадера“ на Петипа, па потоа две парчиња од балетот „Рајмонда“, “Танц со сабјите“ на музика на Аран Хачеторијан, како и третиот чин од балетот “Пахита“ во кореографија на Мариус Петипа… „Gлавно е класичен балетски концерт со едни од најубавите, класични парчиња кои што можевме да ги искористиме за самото време во кое се наоѓаме поради пандемијата“, додава Панго.

Во добра балетска форма На нашето прашање како всушност се одвиваа подготовките во овие услови на пандемија, Панго посочува “Подготовките за работата на балетот се многу напорни. Болеро“ например имаше сосема друг концепт. Тоа беше ‘пандемиски’ балет кој сме го направиле специјално за ситуацијата. Со овој балетски концерт, пак, сакаме да ја одржиме компанијата во добра балетска форма, бидејќи единствен начин за опстанок на балетските играчи е класичниот балет и од тие побуди направивме еден концерт, кој што поради ситуацијата го откажувавме двапати, бидејќи имавме заболени и не можевме да го реализираме.

Работата е таква што сме поделени во повеќе групи. Балетскиот клас кој се одвивал секое утро како загревање и оспособување на балетските играчи преку задолжителни вежби, сега е поделен на три класа, а на почетокот имавме и четири, и се работи со маски и на дистанца. На пробите сме исто така поделени и работиме на четири места, во голема и мала сала, на голема и мала сцена, така што пробуваме да опстанеме во целиот овој период и истовремено да се држиме до протоколите кои се дадени од Министерството за здравство. До сега работевме со маски, но балетските уметници имаат голем проблем со дишењето, а поради големиот напор може да страда и срцето. Затоа направивме маски кои се кои се поприкладни“, вели Панго за весникот ВЕЧЕР.

Прилагодени, но и нови балетски претстави За самата соработка меѓу балетските уметници таа посочува: “Соработката е одлична. Ние сме компанија која имала големи успeси и сите знаат дека мора да се опстане и да издржиме и во овие услови кога не можеме да имаме една “нормална“ претстава“. За плановите во наредниот период пак директорката Панго открива. “Во февруари ќе биде балет чија што премиера ја имавме во 2017, тоа беше “Вечер на Бурнонвил“ на класичен балет во кореографија на Август Бурнонвил каде има делови и кратки парчиња кои можат да се искористат кога мора да се игра на поголема дистанца и без допирање.

Исто планираме за март и балетски концерт кој би го направиле заедно со оркестарот. Во овој случај сме оневозможени да имаме претстава со оркестар бидејќи тој не може да влезе во “школка“ да свири, туку само на сцена, па така планираме заеднички концерт “Големиот Чајковски“.

Кој ќе биде симбиоза од се што имаме поставувано. Во подготовки сме на “Жизел“, балет со кој пред да почне пандемијата бевме во претпремира, но не се реализираше. Сите технички подготовки што треба да се направат од типот костимографија и сценографија ја правиме паралелно. Во зависност од ситуацијата, премиера би била во мај во рамките на Мајски оперски вечери, а до тогаш ќе се “одржуваме во кондиција“ на ваков начин со некои помали концерти каде не би имало изложеност на ризик“. (Д.Т.)




1 view

Comments


bottom of page