top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонската пејзажна народна куќа во исчезнување

15.02.2021 februari ponedelnik

Ако сте имале можност да планинарите и талкате по убавата планина Бабуна, сигурно патот ќе ве одведе и до недопрената убавина на малото селце Ораов Дол, сместено во областа Азот, во југозападниот дел на општината Чашка. Поточно, селото се наоѓа на 30 километри од градот Велес, во јужниот дел на Азот, во подножјето на ридот Кадиица и басенот на рекичката Бреза, на надморска височина од 540 до 600 метри. Оваа мала населба заличува на некое платно со нежно насликан пејзаж. Колку сте поблиску до селото и ги загледувате првите куќи, убавината е сѐ поголема. Но наедно со возбудата расте и разочараноста кога ќе констатирате дека од некогашното село со 700 жители и стотина куќи од почетокот на 20 век, едвај останале триесетина, и тоа 20 стари напуштени објекти со народна архитектура и 10 објекти како адаптирани, реновирани или новоизградени. Сретсело гордо се извишува селската црква „Свети Никола“, со долгиот камен трем, изградена и зографисана од врвните мијачки градители и зографи. Таа е жива трага на едно верско живеење, но и посебен зачуван стандард на архитектонската свест, која можеби најдобро се отсликува во етнокуќите градени од непознатите народни неимари на ова село. Старите објекти, иако повеќето запуштени, некои и разурнати, сведочат за архитектонското богатство и за квалитетот на народната архитектура.

Анализирајќи ги нивниот облик, местоположба, односот кон околината, реката, сивите карпи, бујното зеленило, меѓусебниот однос, сразмерот со човекот и нивната удобност, доаѓаме до неверојатни сознанија за снаодливоста и неповторливата концепција со која безимените мајстори од Ораов Дол ја создавале оваа населба. Народните градители умееле да создадат објекти со слични или скалести нијанси, во кои се вградени елементи и принципи што претставуваат највисоки дострели и стремежи во денешната современа архитектура. Всушност, од тие елементи и принципи се воодушевувал и големиот светски современ архитект Корбизје на пропатување низ Македонија. Објектите се еден од примерите на народниот македонски архитектонски израз, базиран на природните градежни материјали: дрво, камен, кал, керпич, вар, ќерамида и, секако, на рамноправните елементи на нив – сонцето, небото и зеленилото. Волуменот на куќите го надминува архитектонскиот израз и им припаѓа на посебен вид скулпторски израз и поврзаност со природниот амбиент, создавајќи чудесен пејзаж, поточно пејзажна архитектура. Иако постепено пропаѓаат и неповратно исчезнуваат, старите објекти сѐ уште ни ја прикажуваат својата пластична и пејзажна игра, но истовремено може да ја забележиме и потребната функционалност, со која се задоволувале и практичните потреби на сопствениците. Така, среќаваме куќи со приземје и кат, поретко само со приземје, куќи со авлии, порти и најмногу куќи со неизбежните чудесни чардаци. Во приземјето се наоѓаат економските простории, а на катот отворените чардаци, собите за престој и спиење.

Како ретко каде, тука куќите се максимално отворени кон надворешноста, односно имаат дури по два чардака и од левата и од десната страна. Чардакот е просторот што најмногу импресионира на фасадата кај ораовдолската куќа. Токму тој е највпечатлив мотив со најразлична основа, позиција и димензии, кој секогаш е во фокусот на вниманието, без разлика колку е исфрлен или е во рамнина со носивата дрвена скелетна конструкција. Тој секогаш страсно и интензивно инспирира да го овековечите и да го спасите од незаборавот, маѓепсникот што куќите ги поврзува со ѕвездите, со сонцето и со прекрасните пејзажи. Оваа населба, создадена во ретко виден природен амбиент, може наскоро да го изгуби единството помеѓу архитектурата и природниот пејзаж. Затоа е потребно поскоро надлежните власти да преземат мерки за спас барем на неколку позначајни карактеристични објекти, а зошто не и сите.

Косто Граоркоски, инженер архитект

www.novamakedonija.com.mk



18 views

Comments


bottom of page