Македонија покажа дека фудбалот е игра во која не победуваат секогаш Германците
Фудбалот е едноставна игра. Дваесет и двајца бркаат топка 90 минути, а на крајот, Германците секогаш победуваат. Оваа позната дефиниција за фудбалот на поранешниот англиски репрезентативец Гери Линекер не секогаш се покажува како точна. Тоа беше случај и вечерва, благодарение на Македонија која ја совлада Германија со 2-1 во мечот од квалификациите за Светското првенство (СП) во 2022 година, одигран во Дуисбург.
Тоа го покажаа и стрелците Горан Пандев и Елиф Елмас, како и сите македонски репрезентативци и стручниот штаб кои заедно ја остварија вредната победа. А во неточноста на дефиницијата можеше да се увери и противничкиот селектор Јоаким Лев, под чие водство Германија вечерва го претрпе првиот пораз во меч за пласман на СП, по 29 победи и три нерешени.
Токму Линекер на Твитер изрази изненадување за триумфот на Македонија, пишувајќи „побогу, Германија загуби од Северна Македонија“.
Прославениот напаѓач потоа додаде дека Македонија никогаш досега не се пласирала на Светско првенство. Можеби исто како и неговата дефиниција за фудбалот и тоа ќе се смени по тековниот квалификациски циклус за Мундијалот во Катар.
Comments